Достапни линкови

Фејсбук профилот на градоначалничката на Битола – тема на советнички прашања


Илустрација: Седница на Советот на Општина Битола

Статусите на Фејсбук на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, станаа тема на седницата за советнички прашања. Советниците ја критикуваа и за раскопани и неасфалтирани улици.

Кога била градоначалничката слободна да ја повезел некој таксист и да ѝ кажел што треба да се направи за градот? Па, се пренесуваа прашања од пациенти зошто улиците биле тиња, зошто на некоја забава мајката на градот заиграла оро. Се даваа предлози да се именува улица по неа зашто уште не била асфалтирана, па сè докоментари за статуси објавени на Фејсбук. Сето ова беше дел од советничките прашања на кои градоначалничката на Битола Наташа Петровска одговараше на последната седница на Совет. Дел од прашањата на советниците беа на сериозни теми, но имаше и навредливи, подбивачки и такви кои го паднаа нивото на дискусија во Советот.

„Добив таква обврска од еден таксист кој видно вознемирен, морам да го цитирам, од елементарната непогода што ја најде Битола именувана како Наташа Петровска, ме задолжи да ве прашам кога сте слободна да дојде да ве земе и да ве прошета низ градот да видите што е направено досега во градот и што треба веднаш вие како градоначалник да преземете“, праша Анита Ангелевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Борче Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ предлагаше улица во центарот на Битола да се преименува со името на градоначалничката зашто уште не била завршена.

„Една иницијатива која ја добивме од жители на улицата Климент Охридски да се постави точка на дневен ред за промена на името на улицата во Наташа Петровска со оглед на тоа дека се одбележа еден период од нивните животи од почетокот на реконструкцијата на улицата во почетокот на септември до неизвесното завршување на таа реконструкција“, рече тој.

Потоа дискусијата се сврте кон коментарите и статусите на Фејсбук.

„Пред две недели на вашиот Фејсбук профил пишувате дека имате предлог за конфискација, сакам да ми одговорите како може еден градоначалник да има ингеренции и да бара конфискација, да ми објасните на кој начин мислите да ја побарате и што ви значеше дека она што е останато ќе го решавате очи в очи и со кого“, праша Габриела Илиевска од советничката група Поинаку.

Петровска возврати дека таа не бега од граѓаните и се вози со такси.

„Не бегам од граѓаните, јас се движам по улиците, јас се возам во такси. Не видов тука конкретно прашање, дали сум била слободна, кога сум била слободна за да ме земи некој таксист? Јас завчера дојдов со такси на работа и си го платив од сопствениот џеб, што никогаш претходно не го направил поранешниот градоначалник на кого му дававте поддршка токму вие“, возврати Петровска.

За неасфалтираната улица изјави дека ќе следуваат санкции за изведувачот зашто не ги исполнил условите од договорот.

За нејзините Фејсбук статус таа рече дека си го задржува правото како граѓанин да има личен Фејсбук профил и на него да коментира и работи кои не се поврзани со политиката и нејзините ингеренции како градоначалник.

„Што ми значело очи во очи? Дајте луѓе, навистина е дегутантно да дискутираме мои статуси на Фејсбук кои можеби се однесувале лично и персонално на одредена личност која требала да се препознае. Не знам зошто некој бил засегнат од тоа зошто сум го кажала на својот профил. Ако поставам и некоја музичка изведба на профилот ќе треба да кажам дали сум радосна, тажна или дали некому сум ја посветила, навистина е несериозно да се зборува на Совет за такви работи“, рече Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG