Достапни линкови

Јавните претпријатија во долгови, одговорност нема


Повеќе јавни претпријатија повторно се на листата на најголеми должници на УЈП. Економистите велат дека се додека некој не преземе одговорност за своето лошо работење и не профункционира системот на казни, не може да се очекува промена на ситуацијата.

Најновата листа на должници повторно брои илјадници правни и физички лица. Фабриката „Отекс” е на првото место на листата со долг од 918, 603 милиони денари. Но, должници се и јавни и комунални претпријатија, чии имиња секоја година се повторуваат. Меѓу нив се: Македонската радио телевизија, Македонски шуми, Македонски железници, Македонија пат, комунални претпријатија во повеќе општини.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска вели дека се прават напори за надминување на проблемот со овие должници, но како што вели дел од фирмите кои се најголеми должници биле неконтактибилни, а дел немале имот или пак услов за да земат банкарска гаранција за подмирување на долговите.

„Правевме разговори со градоначалниците и јавните претпријатија под нивна капа, баравме решенија, помош да си помагаат, бидејќи тоа го дозволува законот, дали да е оди со репрограмирање на одреден долг, даночен гарант, должников должник, навистина оди многу тешко, затоа што тоа се долгови што се накалемуваат, меѓутоа нашата добра волја отвора пат да ги тргнеме од листата на должници и да ги вратиме во една пристојна даночна сфера за да можат да функционираат. Јавните претпријатија имаат наследено долгови од претходни години, одредени приватни фирми исто така заради недобро работење. Со дел од нив успеавме да најдеме некое решение, дел од нив ќе бараме понатаму, а кај дел од нив навистина нема решение”, вели Лукаревска.

Експертите велат дека причина за овие негативни салда на претпријатијата е лошото менаџирање на раководствата на тие компании како и тоа што никој не презема одговорност за своето лошо работење, па така и раководителите на овие фирми.

„Државата е лош стопанственик, имаме јавни претпријатија кои се формирани, а не се потребни, имаме превработеност во дел од нив, секоја година кога се менуваат политичките структури, токму јавните претпријатија се први на политичкиот притисок за нови вработувања. Тешко е да се најде квалитетен кадар или јавна администрација која е добро подготвена, имаме лоша менаџерска структура која често се менува, и тоа има директен импакт врз целата структура на претпријатието, или со еден збор недомаќинско работење”, вели Борче Треновски, професор на Економскиот факултет при УКИМ.

Според Треновски транспарентноста и барањето отчетност од овие претпријатија треба да се подигне на повисоко ниво.

„Конечно и државата мора похрабро во дел од тие јавни претпријатија да преземе реформа, професионализација на менаџерската структура, наведување на конкретни индикатори на годишно ниво по квартали, што треба да испорача тоа претпријатие, и ако не испорача да има директен отчет, значи мора да имаме некоја структура која ќе гарантира некој вид на отчетност за сработеното и потрошените јавни пари”, вели Треновски.

Државата е лош стопанственик, се согласува и професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет. Тоа што во минатото, владата им ги отпиша долговите на некои од овие компании, според него е неетички и неоправдан потег.

„Порано владата покриваше поединечни даночни стапки, но ова го нема никаде во свет, само кај нас се случуваше. Затоа што од моментот кога компаниите ќе се доведат до нулта позиција, тие пак почнуваат да креираат загуби, што евидентно кај нас е лоша практика и затоа Владата треба да креира правни механизми и врз основа на нив да врши контрола врз самите претпријатија чии основач е токму таа”, вели Зекири.

Нашите соговорници заклучуваат дека ситуацијата со овие должници може да се подобри само кога ќе биде конкретизирана одговорноста за нивното лошо работење и кога ќе функционира системот на награди и казни.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG