Достапни линкови

Уставните измени најкоментирани


Протест пред Собранието на РМ против уставните измени, 1 декември, 2018.

Најмногу коментари на ФБ страницата на РСЕ има за протестот пред Собрание за уставните амандмани. Фановите коментирале и за притворот на Мијалков, најавата за помали казни, за корупциските скандали на поранешни функционери и бизнисмени.

Различни информации – различни и, многу ваши коментари на ФБ страницата на РСЕ. И многу пцовки и вулгарности што човек не може ни да ги замисли, а камоли да ги напише, клетви и само клетви за деца, за блиски, народов како да не може да го каже своето мислење без омраза и непримерен јазик.

РСЕ информираше дека се усвоени првите два нацрт-амандмана за уставните измени, па Ацо Спасов пцуел до немајкаде заради „промената на нашето вековно име“, како што напишал покрај пцовките, а Ленче Владимирова го повикува Бога „на предавниците да им даде тоа што е предвидено според псалмите, без разлика од која партија се“. Никола Мацаковски напишал голема вулгарност што не е за цитирање, а Стојан Младеновски коментирал: „Во Париз војна, кај нас името се менува, сите...“, и повторно гаден збор.

За информацијата дека Сашо Мијалков доби уште 30 дена притвор за друг предмет – има само два иронични коментара. Манко Манко напишал: „Остајте го чоекот намира да си ги троши украдените пари и дајте му уште толку за да му се најде...“, а Ванчо Коде вели: „Да му се платит отштета за душевно и ментално заболување. Тој не е навикнат на ваков живот“ и потоа постирал еден исклештен Смешко.

Потпишан со Едвард Кардељ Јун., по објавата од министерката за правда Рената Дескоска и од премиерот Зоран Заев дека се намалуваат казните за граѓаните и за фирмите, постирал: „Оваа мерка требаше да се воведе 2 недели откако дојдоа на власт, а не по 2 години, но сепак е Ок. како потег“. Има реплика од Ѓул Ѓулче Астор: „Во претходниот режим казна од 2.000 евра имаше и за трговец поединец и за маалската бакалница којашто имаше 2.000 евра приход цела година“.

По директниот пренос на РСЕ за протестот пред Собрание за уставните амандмани, има најмногу коментари. Бобан Неделковски постирал: „Многу се смешни, ги копираат Французите со протестот на жолтите елеци“, а Пеце Атанасовски веднаш со контра одговор: „Како што шарената револуција ги копираше протестите од другите земји од Балканот... никој не е уникатен кај нас, пријателе“. Бобан Неделковски одговара: „Но жолтите елеци протестираат за цените на горивата, кога кај нас ќе се протестира за секојдневни животни прашања, а не само кога партијата ќе повика. Јас велам: никогаш“. „Абе ова пензионерите протестираат... за поголеми пензии или за што?“ – напишал Дамјановиќ Дасо Драган.

По предлогот на заедничката бугарско-македонска комисија за заедничко чествување на Кирил и Методиј и Григор Прличев, избираме еден коментар од Свето Синадиновски, кој гласи: „Тоа што го започна Љубчо го довршуваат овие инфилтрираниве бугарофили во СДСМ – комплетна бугаризација на македонскиот народ. Срамотилаци, не знам што ќе правите ако Србија влезе пред нас во ЕУ и почне да нè уценува за промена на историјата и учебниците за да не нè блокира“.

По нашиот прилог дека поранешни функционери и бизнисмени меѓу кои најмногу Никола Груевски, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков и Орце Камчев се обвинети или осомничени за голем број корупциски скандали, Јовица Петрушевски предлага: „Затворај сè по ред“, а Зоран Донев вели: „Конфискувајте за да вратиме некој кредит“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG