Достапни линкови

Битолскиот Безистен прокиснува, иако е реконструиран


Битолскиот Безистен.

Покривот на Безистенот во Битола прокиснува, иако е реконструиран, се жалат дуќанџиите. Надлежните во чии време се изведувала реконструкцијата, пак, обвинуваат дека дуканџиите се виновни што постапката не се спровела до крај.

Битолскиот Безистен прокиснува, иако пред две години со државни пари се реконструираше покривот, се жалат дуќанџиите. Покрај изронетите тавани во нивните дуќани и кофите вода што ги ставаат кога врне, проблемот е посериозен зошто се работи за еден од бисерите на отоманската архитектура, затворен пазар стар шест века, заштитен споменик на културата. По реконструкцијата прокапува во повеќе дуќани, претежно сопственост на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор и на верски заедници во земјава, па ги издаваат под кирија.

Пред 15 години имавме проблем со покривот, приватно си викнавме мајстори и го направија, потоа 15 години немаше прокапано. Лани почна да капе, откако при реконструкцијата ги тргнаа постоечките канали и ставија нови. Сега при секој дожд тече вода, дури и струја фаќа на еден од ѕидовите. Прокапе од сите страни во дуќанот, внатре има мувла.“

„Хорор внатре е. Мувла, пајажини. Откако ја реставрира Исак Џамија на дваесетина метри од кај нас, туристи постојано доаѓаат и во Безистенот. Кога ќе минуваат овде што гледаат? Стиропор ставаме за да не се рони таванот врз светилките што ги изложуваме во дуќанот. Ако не, малтер паѓа врз нив“, велат дуќанџиите од Безистенот.

Поранешниот директор на Завод и музеј, Зоран Алтипармаков, инженер архитект и виш кустос во институцијата, во чие време се изведуваше реконструкцијата на покривот, вели дека постапката не се спровела до крај, зашто дуќанџиите и други фирми не ги остраниле каблите од покривот и таванот, па не било безбедно да се работи.

„Покривот беше планиран да се реконструира, но само дел се направи, таму каде што беше безбедно. Ние неколку пати се обративме до сопствениците писмено, им се јавувавме да ги остранат каблите, но немаше резултат. Има кабли кои минуваат горе, а исто е и внатре. Следната фаза беше да се среди и внатре. Но, не можевме да најде заеднички јазик. Ниеден од сопствениците и корисниците не ги отстранија каблите и беше небезбедно да се работи. Видовме дека ќе не попречат затоа не пријавивме за втора фаза“, вели Алтипармаков.

Средства за реконструкција беа обезбедени преку капитални инвестиции пред две години за време на претходната власт и сега не може да се користат повторно. Ако не се среди покривот, постои опасност во иднина да се оштети и реставрираната фасада.

Реставрацијата на битолскиот Безистен беше најавувана од 2015 година. Според податоците објавени од Бирото за јавни набавки, Завод и музеј од Битола склучил договор со битолска фирма за реставрација на фасадата од Безистенот во вредност од 9,4 милиони денари. Зафатот пак, почна летото 2016 година. Тогашната министерката за култура Елизабета Канческа Милевска најави дека се планира реставрацијата да заврши до крајот на 2016 година, но постапката се издолжи. Реставрација на фасадата се направи, но покривот остана проблем, како и внатрешната хигиена која е на многу ниско ниво.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG