Достапни линкови

Трамп: нема движење на отпор во мојата администрација


Трамп повторно под жесток удар за неговото однесување
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Трамп повторно под жесток удар за неговото однесување

Американскиот претседател Доналд Трамп ја искритикува редакцијата на весникот „Њујорк тајмс“ во врска со објавениот анонимен напис дека во Белата куќа имало активен отпор против претседателот. Тој исто така со негодување ги проследи и изводите од најновата книга за случувањата откако тој дојде во Вашингтон.

Во она што „Њујорк тајмс“ го нарече „редок чекор“, весникот објави анонимен напис за која се вели дека е од „висок функционер во администрацијата на Трамп“, кој и бил познат на редакцијата.

Текстот, насловен како „Јас сум дел од отпорот во администрацијата на Трамп“, ги уверува Американците дека некои во администрацијата на претседателот „работат напорно од внатре за да ги намалат опасностите од неговите најлоши склоности“.

Авторот на написот го нарекува лидерскиот стил на Трамп „импулсивен, контрадикторен и неефикасен“ и што е полошо, вели дека претседателот бил аморален.

„Американците треба да знаат дека има возрасни во собата. Ние целосно го препознаваме она што се случува. И ние се обидуваме да го направиме она што е исправно“, се наведува во написот.

Белата куќа најпрвин реагираше со соопштение во кое се оценува дека весникот избрал да објави патетичен, несовесен и себичен извор.

Трамп пак запрашан во врска со овој случај изјави:

„Никој досега не направил за помалку од две години она што го направивме ние. Значи, кога ќе ми кажете за некој анонимен извор во администрацијата, веројатно кој е неуспешен и веројатно со сите погрешни причини... И „Њујорк тајмс“ е неуспешен. Ако не бев овде, верувам дека Њујорк тајмс веројатно немаше да постои и еден ден кога јас нема да бидам претседател, што, се надевам, ќе биде за околу шест и пол години, Њујорк Тајмс и Си-Ен-Ен и сите овие лажни медиуми ќе бидат надвор од бизнисот, народе“.

Трамп претходно исто така реагираше и во врска со некои извадоци на новата книга на познатиот новинар Боб Вудворд „Страв: Трамп во Белата куќа“, која го прикажува претседателот како непредвидлив и кому не му веруваат неговите помошници.

Книгата исто така го прикажува Трамп како склон кон испади и импулсивно одлучување, давајќи слика на хаос што, според Вудворд, значи „административен државен удар“ и „нервен слом“ на извршната власт.

Според книгата, секретарот за одбрана Џим Матис, по некакви недоразбирања со Трамп им кажал на соработниците дека тој делувал како дете, а началникот на Генералштабот Џон Кели го нарекувал Трамп „идиот“.

Трамп во врска со ова вели:

„Ох, сигурно, тој лаже сигурно. Боб Вудворд. Мислиш на книгата? Книгата не значи ништо. Тоа е фикција“.

Трамп додаде дека неколку членови на неговата администрација биле „навредени“ од она што било напишано во книгата.

Вудворд, кој се здоби со национална слава за неговото известување за скандалот Вотергејт во 70-тите од минатиот век, според медиумите, разговарал со врвни помошници во администрацијата со ветување дека нема да открие како ги добил информациите.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG