Достапни линкови

Кавга за буџетот во Советот на Општина Битола


Седница на Совет на Општина Битола.

Локалната власт во Битола се пофали дека домаќински ги троши парите. Опозицијата, пак, вели дека во првите шест месеци има најлоша реализација на буџетот.

Кавга за општинскиот буџет меѓу локалната власт и опозицијата во Битола. Опозицијата обвинува дека за годинава планиран е историски гледано најголемиот општински буџет, а во првите шест месеци има најлоша реализација.

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека буџетот има суфицит од над 600.000 евра што е во насока на стабилизирање на Општината, а укинати се и непродуктивните трошоци кои во минатото не се знае каде завршувале.

Со оглед на досегашната реализација во првите шест месеци има најлоша реализација, па прашувам како ќе го наполните буџетот од 28,6 милиони евра? Во развојниот дел планирани се 17 програми, а реализација има само во три-четири. Од 2,5 милиони евра во првото полугодие се реализирани само 6,5 проценти од планираните развојни проекти за 2018 година. Тоа е 180 000 евра од 2,5 милиони евра и не верувам дека некој развој ќе можат да очекуваат граѓаните на Битола“, рече советникот од ПОДЕМ, Николче Јанкуловски.

Петровска изјави дека ако се анализира структурата на буџетот, очигледно е домаќинското трошење на парите. Покрај суфицитот, таа спомена и дека од вкупните расходи 48 проценти, одат во капитални инвестиции. Има зголемување за 18 проценти на данокот на доход, којшто покажува дека расте бројот на вработеност во Битола. Повеќе од 16 проценти од лани има зголемување за уредување на земјиште, за комуналните давачки. Ова покажува дека во Битола во првата половина од годинава се гради повеќе за разлика од лани, кога некое друго владејачко мнозинство велеше дека за многу помали бројки имале градежна експанзија, рече Петровска. Додаде дека досегашната политика на продавање на градежни парцели и градежно земјиште ќе се менува со цел Општината да не се доведе до ситуација на тужби.

„За ставките други договорни услуги, секогаш биле дискутабилни и сомнителни, се намалени за 50 проценти. За 30 проценти се намалени тековните расходи каде беа скриени трошоци како други тековни расходи. Какви беа тие други? Тоа се оние каде што најмногу се трошеа недомаќински парите на битолчани. Сега се трошат со длабоко намалени проценти. За 70 проценти или 10 милиони денари се намалени разните трансфери кои не се знаеше каде завршуваат“, рече Петровска.

За тоа како претходно се трошел буџетот ги посочи сумите што до лани се трошеле за културното лето „Бит Фест“.

„Годинешново културно лето кое е 5,5 милиони денари, замислете во 2015 година за него се трошеле околу 16 милиони денари, а во 2017 над 12 милиони денари. Затоа ги имавме тие стапки други“, рече Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG