Достапни линкови

За ултрамаратон се потребни и добри подготовки и пари


Александар Симјаноски, Никола Цицоски, Игор Пирковски, Жикица Ивановски и Игор Јовановски ќе учествуваат на ултрамарaтонот на Мон Блан.
Александар Симјаноски, Никола Цицоски, Игор Пирковски, Жикица Ивановски и Игор Јовановски ќе учествуваат на ултрамарaтонот на Мон Блан.

Петмина Македонци се подготвуваат за учество на ултрамарaтонот на Мон Блан, каде треба да трчаат 170 километри на просечна надморска височина од 2000 метри.

Луѓето кои учествуваат на ултра планински маратони долги стотина километри за остварување на ваквите цели имаат потреба да направат и други екстремни подвизи пред сè од логистички карактер. Стотина километри треба да се истрчаат и во подготовките, да се потрошат пари на соодветна опрема, исхрана. Скапо се плаќа и самото учество на трчањето низ планините.

Александар Симјаноски од Тетово и Никола Цицоски од Скопје се двајца од петмината Македонци кои летово се подготвуваат за ултрамарaтонот на Мон Блан каде треба да трчаат 170 километри на просечна надморска височина од 2000 метри.

„За да се учествува треба да се освојат поени од квалификациски трки. Треба да се има учество на најмалку три трки од 100 или повеќе километри. Ова е трка чиј што старт е во Шамони, Франција. Кружи околу три држави, Франција, Швајцарија и Италија и повторно се враќа назад во Шамони. Временскиот лимит за завршување на трката е 46 часа. И исто така има временски лимит до кој треба да се дојде до определена контролна точка. Трката има вкупно 16 контролни точки. Успех за кој било од нас, прво да се заврши трката. Второ би било исто така голем успех кога некој би успеал да ја заврши под 30 часа“, вели Александар Симјаноски.

„По три-четири пати неделно се спремаме. Кога посебно, кога групно. Некогаш и навечер трчаме. Од 100 до 120 километри неделно вежбаме. Што на рамно, што на планина. Па имаме и режим на исхрана. Јас моментално две години не јадам леб, тестенини, такви работи. Повеќе сум на месо, млечни производи и протеини“, вели Никола Цицоски.

Плаќањето за учеството на овој ултрамаратон отсликува колку многу чини ваква спортска рекреација и на финансиски план.

Според наша калкулација целокупното наше учество како тим, пет тркачи и тројца луѓе во логистика треба да изнесува околу 7-8 илјади евра. Само стартнината од човек е 250 евра. На тоа да се додаде патните трошоци, кои сигурно ќе бидат околу 600-700 евра плус сместување за секој човек“, рече Симјановски.

„Дополнителна опрема гортекс јакна што не пропушта ветер и дожд до 20 илјади капки. Панталони исто така, ракавици и плус едни ракавици што се водоотпорни. Сето тоа чини“, рече Цицовски.

Освен што даваат пари и човечка сила, петмината тркачи имаа и среќа за да учествуваат на ваков ултрамаратон. Организаторите, 2.500-тините учесници ги бираат на лотарија помеѓу 10-тина илјади пријавени од цел свет. Во македонската екипа Трекс покрај Симјаноски и Цицоски се и Игор Пирковски, Жикица Ивановски и Игор Јовановски.

XS
SM
MD
LG