Достапни линкови

Кој води специјална војна пред референдумот?


Анкетите, истражувањата и политичките анализи за претстојниот референдум можат да бидат искористени за остварување на нечии геополитички цели.

Како се приближува 30 септември, така во медиумите зачестуваат пресметките и анкетите за можниот исход на референдумот, а во јавноста се прават комбинации за излезноста, за тоа колку ќе бојкотираат, колку ќе гласаат „за“, колку „против“. Резултатите на неколку спроведени анкети покажуваат варирање на процентите околу излезноста, додека процентите за поддршката на промена на името како услов за влез во НАТО и ЕУ се приближно еднакви.

Меѓутоа, велат дел од експертите, ваквите анкети можат да бидат искористени и за манипулирање со јавноста, креирања алиби зависно од исходот на референдумот, како и за негово своевидно саботирање, како дел од нечија стратегија за минирање на македонското зачленување во НАТО и ЕУ.

Според некои политиколози, таков пример е текстот објавен од руската информативна агенција Спутник, која важи за поддржувач на политиката на Кремљ, особено на Балканот. Текстот е насловен „Почна специјална војна во Македонија, конечната битка на 30 септември“.

„Конечната битка“

Во тој текст, кој е најнова анализа за анкетите и претстојниот референдум за името во Македонија, Спутник ги пренесува резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), според чија анкета, 66,4 отсто од анкетираните би излегле на референдум, 41,5 отсто од нив би гласале „за“, 35,1 отсто би биле „против“, а 11,9 отсто се уште не одлучиле.

Агенцијата, повикувајќи се на анализа на извесен политички аналитичар од Скопје, Александар Митевски, вели дека „резултатите треба да се земаат со резерва“, бидејќи МЦМС наводно „соработувала со премиерот Зоран Заев додека бил во опозиција“.

Истиот аналитичар за Спутник вели и дека овие резултати не треба да се сфатат сериозно, бидејќи, наводно, „македонската влада нарачала анкета за излезноста на референдумот кој покажала дека ќе има негов бојкот, па затоа ги криела резултатите од таа анкета“.

Малески: Ваквите текстови се дел од геополитичката игра

Во истиот текст на Спутник е цитиран и универзитетскиот професор и прв македонски министер за надворешни работи д-р Денко Малески, кој во текстот не говори за анкетите и можните резултати, туку за тоа „дека треба да се излезе на референдум, бидејќи ова е историска шанса за Македонија“.

Ваквите текстови, како тој на Спутник, според професорот Малески се дел од глобалната руска стратегија против ширењето на НАТО, а со тоа и против македонското зачленување во нив, бидејќи како што вели, „кога се работи за големата геополитичка игра, Русија јасно кажа дека е против влезот на Македонија во НАТО, па оттаму, и логично е таа како голема сила која располага со многу средства, во најмала рака барем да не придонесе, за реализацијата на стратегиската цел на Македонија уште од 1991 година, а тоа е членство во НАТО и ЕУ, што во случајот дел од таа реализација е и референдумот за Договорот од Преспа.

„Во тој контекст се и ваквите написи во кои се пренесуваат ставови на поединци кои велат дека целата работа околу референдумот ќе биде наместена. Кога од Спутник ме побараа ми рекоа дека сакаат да го слушнат мојот став за референдумот и јас кажав дека е тоа историска шанса Македонија да ја реализира својата стратешка определба“, вели професорот Малески, за текстот на Спутник, во кој и тој е цитиран.

Внесување раздор

Според професорот, уште поинтересен момент во тој текст е што Спутник го нагласува коментарот на аналитичарот Митевски, според кој, не Македонците, туку Албанците повеќе ќе излезат на референдумот, со тенденција преку тој став да се обидат да внесат раздор.

„Тоа е со очигледна тенденција тука да се внесе раздор, бидејќи тоа ќе биде факт на референдумот. Во свеста на Македонците треба да се апсолвираат некои тешки историски теми, па оттаму и таа внатрешна поделеност“, вели Малески.

Тој додава дека вакви обиди за исполнување на руската политика пред референдумот ќе има, без оглед дали се преку новинарски текстови или преку вакви обиди за внесување на раздор меѓу Македонците и Албанците.

„Мојот одговор на тоа е дека ние сите во Македонија ја делиме заедничката судбина на нашата држава и дека она што ќе биде важно е како мнозинството граѓани на републикава ќе се изјасни“, заклучува професорот.

Што велат анкетите

Резултатите на последните две анкети во однос на референдумот се приближно исти. Според истражувањето на јавното мислење на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), на претстојниот референдум 43,2 отсто од граѓаните би гласале „за" промена на името, 22 отсто „против", а 22,7 отсто од испитаниците рекле дека ќе го бојкотираат референдумот. „Не знам“ одговориле 12 отсто од испитаниците.

Според анкетата нарачана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а чии резултатите ги анализира Спутник, 66,4 отсто од анкетираните би излегле на референдум, 41,5 отсто од нив би гласале „за“, 35,1 отсто би биле „против“, а 11,9 отсто се уште не одлучиле.

XS
SM
MD
LG