Достапни линкови

Институции со пристапни рампи однадвор, а скали внатре


Пристапна рампа за инвалиди на влезот на Домот за народно здравје во Битола.
Пристапна рампа за инвалиди на влезот на Домот за народно здравје во Битола.

Добар дел до институциите во Битола имаат пристапни рампи, но инвалидизираните лица реагираат дека дел не се адекватно направени или објектите содржат внатрешни бариери.

Што дека има пристапна рампа за инвалидизирани лица до влезот на зградата, кога внатре треба да се поминат скали за да се стигне до лифтот, кој понекогаш не работи. До секој од петте катови во зградата каде се сместени дел од подрачните министерства во Битола водат десетици скали, па подрачните одделенија за земјоделство, економија, правда се потешко достапни за инвалидизирани лица иако зградата имаат пристапна рампа однадвор. Добар дел до институциите во Битола имаат пристапни рампи, но инвалидизираните лица реагираат дека дел не се адекватно направени или објектите содржат внатрешни бариери.

Рампата што ја има во Судот не е адекватна и треба некој да те турка ако се движиш со количка. Во Здравствениот дом треба некој да те турка за да направиш крвна анализа. Ако одиш со електрична количка сам можеш да се превртиш и да се отепаш. Треба во институциите да користат услуги на адекватно лице кое знае колкав агол треба да има косината на пристапната рампа, а не да биде колку што се стрмни скалите, толку и рампата.“

„Болницата е достапна, но друго место не. По аптеки не ни е пристапно, ни кај матичниот лекар нема пристапна рампа.“

„Кај што има приоди, паркирани се коли, па не можеме да поминеме со колички. Пред некој ден така беше паркирано едно возило и им реков на полицајците. Ми одговорија ‘тоа е, несовесни граѓани’, им реков тогаш бидете совесни вие и пишете им казна“, велат инвалидизирани лица од Битола.

Нико Јанков, претседателот на здружението Мобилност Битола, вели дека со години притискаат врз институциите во градот да се олесни пристапот на лицата со инвалидитет. Преку проекти што ги организирале пред повеќе од десет години биле направени 17 пристапни рампи до Основниот суд, МВР, Библиотеката „Св. Климент Охридски“, Универзитетот, на два-три факултети. Но, признава дека тоа е горлив проблем за чие решавање ќе биде потребно уште време.

Посочува дека, во Центарот за социјални работи има пристапна рампа на првиот, но нема на вториот кат. Во Центарот за јавно здравје има рампа на едното ниво, а нема на второто ниво. Главната пошта е тотално непристапна за лицата со инвалидитет. Факултетите се пристапни во прво ниво, а внатре не“. Законската регулатива е донесена повеќе од десет години, посебно за државните установи дека мора да имаат пристапи и за сѐ што е новоградба.

„Се надеваме дека постапно ќе почнат да се остваруваат правата зацртани во Конвенцијата за лица со инвалидност на ОН. Пред сè, менување на свеста на средината за тие како еднаков субјект бидат препознаени во ова општество и да оди процесот од институционална грижа кон грижата на заедницата“, вели Јанков.

Градоначалничката Наташа Петровска рече дека ќе работат на надминување на архитектонските бариери во градот.

„Ќе настојувам да таргетираме точно каде се проблематичните точки кои ја попречуваат мобилноста на нашите сограѓани и тие да бидат вградени во програми и инфраструктурни зафати на Општината. Би била пресреќна доколку ова успееме да го мапираме и овозможиме со ребалансот на буџетот на Општина Битола“, рече Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG