Достапни линкови

Референдумот и кривичната за Јакимовски – главни теми во дневниот печат


Референдумска кампања на социјалните мрежи - За и Против
Референдумска кампања на социјалните мрежи - За и Против

Претстојниот референдум за договорот за името со Грција и кривичните пријави за поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стефчо Јакимовски, се главни теми во дневниот печат.

„’Бојкотирам‘ се шири, кампањата се заострува“ – излезе Независен со анализа, во која критички се додава: „Додека премиерот Зоран Заев и дел од владиниот состав го почнаа својот годишен одмор, претставници на триесетина невладини организации, политички субјекти, патриотски здруженија, иницијативи од земјава и дијаспората се обединија почнувајќи кампања под слоганот: ’Македонија бојкотира‘“.

Слободен печат и Нова Македонија со наслови: „Со европска помош се спрема силна кампања во Македонија – политичкиот крем на ЕУ ќе агитира за референдумот“ и „Владата подготвува интензивна информативна кампања за референдумот“.

Независен во друг наслов смета дека „Референдумот ќе ја отслика и ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски ќе одлучува до последен миг – проценките се дека дел од старите структури во партијата, блиски до претходното раководство, ќе останат на ставот за бојкот, за што сведочи и кампањата што веќе се води преку социјалните мрежи, а од друга страна, добар дел од новите сили во партијата се залагаат за учество на референдумот, па дури и за гласање ’да‘ на референдумското прашање“.

И додека „Левица поднесе иницијатива пред Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката за референдум“, како што информира Нова Македонија, електронските изданија на весниците објавуваат дека „Резултатот од анкетата за референдумот предизвикува доза на оптимизам“ во Атина и Скопје, како што оцениле грчките медиуми кои ги пренесуваат резултатите од анкетата, пишува Нова Македонија. Грчката агенција АНА-МПА објавила: „Со над 40% е во предност ’Да‘“.

Вечер го пренесува тврдењето на аналитичарот Александар Кржаловски на ТВАлфа: „Мнозинството граѓани се незадоволни од Договорот со Грција“.

Исто така Вечер насловува: „Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ расте – според анкети од кампот на СДСМ: Најновата анкета покажува рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ од 24%, а СДСМ има рејтинг од 24,4%“. Резултатите од анкетата ги објавува и Слободен печат.

Втората топ-тема во интернет изданијата на печатените медиуми е поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски. „Кривична пријава за Јакимовски и четворица негови соработници поради злоупотреба на службената положба и овластувања“, објави Нова Македонија која ја пренесува и изјавата на Јакимовски при апсењето од Финансиската полиција: „Ниту имало организиран криминал, ниту некој нешто украл“. Истиот весник објавува дека како мерка на претпазливост на Јакимовски и другите соучесници им се одземени пасошите и треба редовно да се пријавуваат во судот.

Вечер оди со наслов: „Финансова тврди дека Јакимовски и уште четворица службеници го оштетиле буџетот на Општината за речиси 600.000 евра“.

Службениот џип на МВР виден и снимен на Халкидики наводно со четири девојки внатре, исто така предизвикува внимание во медиумите и јавноста. „ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Спасовски поради скандалот со службениот џип“ – насловува Вечер. Интернет изданието на истиот весник наслови: „СДСМ со реакција до ВМРО-ДПМНЕ: Тие немаат капацитет да го разберат значењето на зборот ’одговорност‘“.

Слободен печат наслови: „Во вторник Владата ќе одлучува за разрешувањето на Лазо Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност, поради наводите дека службениот џип го користела неговата ќерка.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG