Достапни линкови

Џафери: И да не успее референдумот, процесот продолжува


Претседателот на Собранието Талат Џафери
Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не ја отфрли можноста, доколку референдумот за Договорот со Грција не успее, Собранието да продолжи со спроведувањето на Договорот. Ниедна сериозна институција не може да поставува бариери кои после нема да може да ги надмине, вели тој.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, очекува волјата на мнозинството граѓани кои, според сите анкети, се залагаат за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, да се одрази и на референдумот за Договорот со Грција и тој да успее. Сепак, тој не ја отфрли можноста, доколку референдумот не успее, Собранието да продолжи со уставните измени предвидени во Договорот.

„Во зависност од секаква можна варијанта, значи е оставен простор процесот да не биде затворен, туку да биде оставена врата за процесот да може да се проследи и во понатамошниот тек на нештата. Во тој контекст, ниедна сериозна институција не може да поставува бариери кои после нема да може да ги надмине и во тој контекст, мислам дека е и во ред“, рече Џафери.

На денешната средба со новинарите во Собранието, тој рече дека не сака да навлегува во правни толкувања и претпоставки за тоа што ќе се случува ако граѓаните гласаат против или ако нема доволна излезност на референдумот.

Тој рече дека одлуката за распишувањето на референдумот е веќе објавена во Службениот весник. И покрај претходните најави дека ќе го испрати Законот за ратификација на Договорот со Грција за објавување во Службениот весник и без потпис од претседателот Ѓорге Иванов, Џафери сега вели дека ќе го почека завршувањето на референдумот за, како што рече, „да не силуваме пред граѓаните да се изјаснат“.

„Сметам дека најповолно време тоа да се случи е после изјаснувањето на граѓаните по однос на референдумското прашање, затоа што сиот успех на Спогодбата зависи од одлуката на граѓаните којашто ќе ја донесат на референдумот и тоа е најсоодветно време да се постапи по однос на тоа прашање“, рече тој.

Џафери најави дека Собранието се распушта и нема да одржува седници до 20 август, а потоа повторно нема да работи од 10 септември до одржувањето на референдумот на 30 септември за собраниските седници да не се претворат во арена за кампања за референдумот.

На прашањето дали ако граѓаните се изјаснат против Договорот со Грција ќе има предвремени парламентарни избори, тој рече дека не сака да прејудицира за резултатите, но оти нови избори ѝ се најмалку потребни на Македонија во моментов.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG