Достапни линкови

Со новите законски измени ќе се обештетат повеќе стечајци


Здружението на стечајци УНИТ од Куманово.

Обесштетување на стечајците оди бавно, но тие веруваат дека сите ќе бидат опфатени. Досега паричен надоместок примаат над шест илјади стечајци, а до крајот на септември се очекува бројката да се искачи на околу седум илјади.

По донесувањето на новиот Закон за стечајците процесот на нивното обесштетување со месечен паричен надоместок се одвива бавно, меѓутоа Љиљана Георгиевска од Здружението УНИТ од Куманово вели дека може да бидат задоволни. Според неа, досега паричен надоместок примаат над шест илјади, со тоа што до крајот на септември очекува бројката да се искачи на околу седум илјади, вкупно во државава. Сепак, ќе има уште едно дополнение на Законот.

Тоа значи дека ќе бидат опфатени и оние работници кои при пропаѓањето на фирмите заминале спогодбено или пак, работеле некаде на одредено време заради обезбедување егзистенција. Околу илјада и 500 ќе заминат во пензија, со што ќе се овозможи на уште толку лица кои заминале спогодбено“, вели Георгиевска.

Таа појаснува дека задоволството е поради тоа што со новиот Закон се обештетени повеќе работници и тоа од акционерски друштва, за разлика од изминатите деценија ипол кога единствено од државни фирми биле обесштетени само околу четири илјади. На реакциите од стечајците кои секој ден очекуваат позитивно решение дека овој процес оди бавно, Георгиевска вели дека тоа е неминовно поради дополнувањата на законот за да бидат опфатени и стечајците од акционерските друштва и приватизираните фирми на кои не им е сменет матичниот број.

„Имаше и фирми до чија документација тешко се доаѓа, па стечајците мораа да приложат и решенија за да се види состојбата. Имаше нерегистриран стаж од ПИОМ, затоа требаше и листи да се приложат. Затоа е одолговлечен процесот“, вели таа.

Стечајците од Куманово реагираат дека најмал број обесштетени се токму од овој град, кој одамна се нарекува град на стечајците. Георгиевска вели дека околу 600 стечајци се обесштетени затоа што немало документација од разни причини, така што сега во процесот ќе влезат и стечајците од „Киро Фетак“, „Житомел“ и ЗЗ „Слога Умин Дол“. Речиси сите кумановски фирми биле акционерски друштва, затоа е и дополнението на законот. Според Георгиевска постои верба дека безмалку сите стечајци би требало да бидат обесштетени согласно законските рамки, бидејќи има добра соработка со Министерството за труд и социјални работи и Агенцијата за вработување.

Георгиевска и уште некои од најактивните членови на УНИТ не се обесштетени. Таа очекува десетте месеци кои и недостасуваат до исполнување на условите поради нерегулирани обврски од нејзината фирма, да ги одработи можеби и до пензионирање, на некое работно место во Агенцијата за вработување.

„Цело време сум во Управен одбор на УНИТ и добив едно негативно решение, сега очекувам со дополненијата на законот да добијам позитивен одговор.“

„И јас не сум добил. Не им завидувам на тие што добија обесштетување, но сметам дека е неправедно затоа што сега се обесштетени околу шест илјади, а барем на еден протест да сме се собрале околу пет илјади можеби овој проблем ќе се надминеше за многу кусо време. Ние на секој протест сме биле околу 300, а само половина од нив добија. Значи тие што не се ни појавија на протестите сега се обештетени, а ние не сме.“

„Имам една година до пензија, сите услови ги исполнувам. Бев во болница кога добив одговор за невалидно решение. Бев во Агенцијата за вработување и никако да се разбереме. Иако имам документи дека сум работела, ми велат дека тоа не ми се признава, а не можат да ми објаснат зошто“, реагираат стечајци од Куманово.

Инаку, членовите од УНИТ како и изминатите години така и од оваа локална власт добиваат помош во ослободување од плаќање комунални давачки и превоз, со тоа што бројката е намалена од 50 на 30. Меѓутоа, Георгиевска вели дека засега е така, со надеж дека и проблемот на овие членови ќе се надмине.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG