Достапни линкови

Димитров - За владеење на правото треба повеќе време


Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров на самитот за Западен Балкан во Лондон.

Главната цел на Македонија не е формално членство во ЕУ, туку да стане земја со европски вредности, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на самитот за Западен Балкан во Лондон. Тој додаде дека сепак за реформите за владеење на правото ќе биде потребно повеќе време.

Доколку сакаме да имаме функционална европска демократија во нашите земји, потребни се силни институции, а тоа е можно доколку имаме систем кој ја ограничува моќта на една личност да одлучува за можностите на младите, работните места, кривичните постапки или за раководителите на институциите, истакна денеска македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на панел сесијата „Иднината на Берлинскиот процес“ на самитот за Западниот Балкан во Лондон.

На самитот исто така присутвуваат македонскиот премиер Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Во однос на агендата за реформи, односно на прашањето дали за тоа Владата повеќе чувствува притисок од Европа или од граѓанското општество, Димитров рече дека оваа Влада била формирана во услови на неказнивост во земјата и оти токму тоа е проблемот на Македонија за да стане дел до Европа.

„Главната цел за Македонија не е формално членство во ЕУ, туку во пристапниот процес нашите земји да ги направиме европски, со слободни медиуми, независни судии, активно граѓанско општество, одговорни политичари и тоа е првото и најголемо ветување на нашата Влада“, рече Димитров.

Тој додаде дека е потребно македонската Влада да се фокусира за навистина да ги направи потребните реформи, но и оти компромисот за името меѓу Македонија и Грција е одлична можност за регионот, наведувајќи оти добрите вести треба да бидат поддржани.

„За владеењето на правото ќе биде потребно повеќе време, бидејќи со тоа не може да се справи само Владата, потебно е да има судии со интегритет, потребен е секако и Парламентот, но и судството. За некои од овие работи е потребно верме. Она што навистина е клучно, тоа е магичната фраза политичка волја, а ние тоа го имаме“, изјави Димитров.

Во пресрет на Самитот, премиерот Зоран Заев оствари средба со директорот на Фондацијата за демократија Вестминстер, Ентони Смит, на која е изразен заеднички заклучок дека на референдумот за договорот со Грција, граѓаните ќе ги верификуваат политиките што ги отвориле вратите на ЕУ и НАТО, соопшти владината прес-служба.

Заев потенцирал дека гласот на пратениците е контролниот глас на граѓаните и дека во претстојниот период од огромна важност е поддршката за унапредување на паламентарната демократија, демократизацијата на политичките партии и јакнење на институциите како клучни за реформите до отворањето на преговорите со ЕУ.

Смит истакнал дека Македонија направила исклучително позитивен напредок во изминатава година, потенцирајќи дека позитивен пресврт бил направен со храбрите чекори што ги презела Владата со договорот со Бугарија и особено со договорот за решавање на грчко-македонскиот спор, соопштуваат од Владата.

Теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес) се унапредување на економската стабилност, безбедност и политичка соработка.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел чија цел е да се поддржи мирна, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан.

Покрај премиерите на Албанија, Србија, Црна Гора, БиХ, Македонија и Косово, Британија како домаќин на самитот ги покани и ЕУ партнерите, вклучувајќи ги Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и Словенија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG