Достапни линкови

Неделен печат – Бизнисите на Мијалков и најголемите извозници


Архивска фотографија: Сашо Мијалков на рочиште за „Таргет-Тврдина“
Архивска фотографија: Сашо Мијалков на рочиште за „Таргет-Тврдина“

Неделникот Фокус пишува дека поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, „го легализира своето богатство“, а Капитал пишува за најголемите 100 македонски извозници.

Фокус - Фамилијата треба да влезе во Идризово, за Македонија да влезе во ЕУ

„Бате Саше студено и ’математички прецизно‘ го легализира своето богатство, ги озаконува фамилијарните казина, станува и официјален газда на хотелите, банките, комбинатите, бензиските пумпи, фабриките што за време на режимот си ги беше присвоила Фамилијата. Го зголемува влогот за политичкиот пазар од кој не се откажува“, пишува Фокус, а поентата е наведена во насловот кој гласи: „Фамилијата треба да влезе во Идризово, за Македонија да влезе во ЕУ“, кој едновремено алудира на напишаното во Заклучоците на Европската комисија за една од задачите што треба да ги заврши Македонија до јуни следната година: реформа на судството и негова ефективност, казнување на сите криминални дејанија направени во изминатите години.

Во еден друг текст, Фокус открива дека „Сашо Мијалков и официјално станал газда на хотелот ’Мериот‘!“ Имено, во истражувакиот напис најпрвин се потсетува дека во претходниот број неделникот открил дека Бест Веј Инвестмент во сопственост на семејството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, месецов ја основал компанијата за приредување игри на среќа Макс Бет, во партнерство со контроверзниот српски бизнисмен Саша Марчета. Но, Фокус обезбедил нови податоци кои покажувале дека Мијалкови едновремено станале сопственици на Дивелоп Груп, откако го презеле уделот на Орка Холдинг на Орце Камчев. Инаку, наведува неделникот, најголем сопственик во Дивелоп Груп е долгогодишниот управител на друштвото, Александар Ивановски – Теранова, кој го изгради хотелот ’Мериот‘ на скопскиот плоштад, а наедно поседувал атрактивни градежни парцели на охридското крајбрежје и во близина на македонско-грчката граница кај Гевгелија.

Капитал - ТОП100 извозници во Македонија

Најновиот Капитал ја објавува и годишната едиција ТОП100 Извозници во Македонија и речиси сето издание е посветено на фирмигте што се наоѓаат меѓу тие 100. Неделникот наведува дека најголемите извозници го отсликуваат трендот најсилно изразен во изминативе неколку години, а тоа е дека приматот во извозот од Македонија полека но сигурно го преземаат странските компании кои, како што пишува Капитал, благодарение на дарежливите субвенции и државна помош, отворија фабрики во слободните економски зони. Ако претходно најголеми извозници беа металопреработувачката индустрија, рудниците, нафтената и текстилната индустрија, сега по влезот на странските фабрики Македонија најмногу извезува автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили.... И дека нето извозниот ефект од зоните е 283 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG