Достапни линкови

Дневен печат – Поплави во Грција и условен датум за преговори


Илустрација

Поплавите што ги зафатија туристичките места во Грција каде што вообичаено летуваат македонските граѓани, како и условниот датум за почеток на преговори со ЕУ се главни теми во дневниот печат.

Времето, поточно, невремето пред политиката и во овој преглед. Сред лето – реки течеа во познатите летувалишта на Халкидики, во соседна Грција. „Македонски туристи не побарале помош и не пријавиле штети по невремето во Грција“, објави Нова Македонија. Слободен печат информира дека „Македонци, Грци и Срби заедно ги вадеа автомобилите од морето“, и дека сајтот Грчка инфо објавил дека во Никити „прв човек што дојде да им помогне на луѓето уште пред да пристигнат полицијата и пожарникарите, беше човек од Македонија“.

Инаку, главната тема во електронските изданија на печатените и другите медиуми пристигна од Брисел. Сите објавуваат дека „Европската комисија ги почнува подготовките за преговори со Македонија и Албанија, и ќе продолжи да поддржува опипливи и одржливи резултати, особено во судството, борбата против корупцијата и јавната администрација“.

Независен и Слободен печат го објавија извинувањето за именувањето на Македонците како Северномакедонци во официјалното писмо до претседателот Туск, а потпишано од германскиот европарламентарец Кнут Флекенштајн, во кое го информира за заклучокот во јуни следната година Македонија и Албанија да добијат конечен датум за почеток на преговори за членство. „Сега и до крајот на мојот живот знам дека сте Македонци, а не јужни, источни, западни Македонци, не ми ја допирајте раната!“, ја наслови истата информација Слободен печат цитирајќи дел од изјавата на Флекенштајн.

Вечер во наслов го цитира опозицискиот лидер, Мицкоски: „Македонија не доби датум и тоа е уште еден пораз за Македонија и Владата на Зоран Заев“. Истиот весник го цитира и СДСМ од прес-конференцијата: „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат доблест да го поздрават успехот кој го постигнаа граѓаните на Македонија, ЕУ го поздрави и го награди напредокот во изминатата година“.

Слободен печат наслови: „Заев: Грција и Бугарија се изборија за Македонија, порачува премиерот Заев заблагодарувајќи им се и на сите членки на ЕУ за мотивирачката одлука за Република Македонија“. Нова Македонија оди со наслов од изјавата на првиот човек на НАТО, Столтенберг: „Официјална покана за Македонија во јули, приемот ќе зависи од референдумот“.

Вечер информира дека помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел изјавил дека НАТО нема да ја услови Македонија и дека изразил загриженост за моменталните протести во Македонија и во Грција и евентуалното руско мешање, при што потсетил дека Русија испраќала заканувачки пораки пред приемот на Црна Гора во НАТО. Во наднасловот, меѓутоа, Вечер пишува: „Ама веќе Столтенберг нè услови“.

„Продолжува војната во државниот врв: Фатете го велепредавникот!“, насловува Независен, откако „Иванов не го потпиша Законот за ратификација на спогодбата со Грција“, како што објавија Вечер и другите медиуми. Слободен печат ја пренесува изјавата на вицепремиерот за европски интеграции, Бујар Османи за Журнал ТВ: „Иванов не може да ја запре позитивната ’бура‘ што ги зафати Македонија и регионот – тој е мала политичка фигура за да може да го стори тоа“.

Медиумите известуваат и за секојдневните протести пред Собранието: „Мирен протест против Договорот за името“, гласи насловот во Нова Македонија, а Вечер информира дека „мала група луѓе протестираа во средата пред Собранието“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG