Достапни линкови

Во Солун продолжуваат протестите против договорот за името


Во Солун солзавец и шок бомби на протестите против договорот за името
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Во Солун солзавец и шок бомби на протестите против договорот за името

Грчката полиција во Солун употреби солзавец и шок бомби против демонстрантите кои протестираа против договорот со Македонија за името. Нема извештаи за ранети и приведени.

Десетици Грци се судрија со полицијата во понеделникот во Солун кога се обидоа да влезат на презентацијата на владејачката партија Сириза.

Цел на презентацијата беше објаснување на придобивките на договорот за промена на името на Македонија.

Демонстрантите се обидоа да влезат во силно чуваниот изложбен салон во Солун, каде што членовите на Сириза одржаа презентација на тема: „Македонското прашање: придобивките од договорот и изгледите за Балканот“.

Претходно, местото на дебатата беше променето поради закани од локалните фудбалски навивачи.

Демонстрантите, некои од низ обвиткани во грчки знамиња, извикуваа „Македонија е грчка“ и „Предавници“.

Притоа тие почнале да фрлаат камења врз полицијата која за да ги растера употребила солзавец и шок бомби.

Пратеникот на Сириза, Триандафилос Митафидис, вели дека е потребно формирање на „фронт на логиката“ против оние кои не се согласуваат со договорот меѓу Атина и Скопје:

„Мораме да формираме фронт на логика. Верувам дека патот што го презеде нашата влада е врз логична основа и со почит меѓу двете земји кои немаат што да ги дели, туку напротив, да ги здружува. Сите оние што ги фанатизираат луѓето со отровот на национализмот, и прават лоша услуга на оваа земја, без оглед на нивните хипер-патриотски викачи“, рече тој.

И претходниот ден во Солун околу 4 илјади луѓе протестираа против договорот за името меѓу Грција и Македонија.

Демонстрантите, повеќето од нив од крајната десница, носеа транспаренти на кои било напишано „Политичари предавници“.

Тие ги нападнаа локалните канцеларии на владејачките партии Сириза и Независни Грци, по што полицијата ги растера со солзавец.

Грција и Македонија овој месец потпишаа договор за преименување на Поранешната југословенска република Македонија во Северна Македонија со цел да се стави крај на деценискиот спор меѓу двете земји.

Меѓутоа, овој потег ги поттикна протестите на двете страни на границата.

Неодамнешите анкети во Грција, како што јавува новинската агенција Ројтерс, покажуваат дека околу 70 отсто од Грците се противат на компромисот за името.

Грците го оспорија името на Македонија откако се отцепи од поранешна Југославија во 1991 година, наведувајќи дека тоа подразбира територијални претензии кон грчката провинција Македонија и грабеж на античката грчка култура и цивилизација.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG