Достапни линкови

Неделен печат – Деловна клима и спорот за името


Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во Псарадес на 17 јуни 2018
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа договорот за името во Псарадес на 17 јуни 2018

Неделникот Капитал пишува за роковите за плаќање меѓу фирмите, додека Фокус го анализира однесувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на Договорот за името.

Капитал - Финансиската клима не се подобрува

Главната тема во најновиот Капитал е насловена: „Финансиската клима не се подобрува“ со поента дека во Македонија за наплата се чека подолго отколку во Европа. Имено, во повеќето европски земји времето на наплата се намалува и повеќе се движи кон посакуваните 30 дена утврдени со локалните регулативи и со директивата што ги опфаќа сите нации во Европската унија. Во корпоративните трансакции, просечното време за наплата изнесува 34 дена, што е намалување за три дена во споредба со Извештајот за наплата на Интрум од 2017 година. Просечниот рок, пак, за исплата на краткорочни обврски кај приватните компании во Македонија е дури 179 дена, пишува неделникот. Од Стопанската комора на Македонија потврдуваат дека состојбата со наплатата на побарувањата не се подобрува ниту годинава. Трансакциите со јавниот сектор во европските земји и понатаму траат подолго, 40 дена во просек, и покрај тоа што директивата за плаќање за 30 дена, всушност, е задолжителна и за нив. Во Македонија, пак, за наплата од тендер, се чека просечно по 200 дена, или пет пати повеќе од европскиот просек, наведува Капитал.

Фокус - Тесната кожа на Христијан Мицкоски

За Фокус темата Договор за името со Грција продолжува да биде актуелна, иако на насловната се најавува загатлива тема: „Големиот братучед го шири бизнисот – Мијалков ќе отвора казина со српскиот ’крал на коцката‘, Саша Марчета“, покрај карикатура на Мијалков седнат во фотелја и опкружен со коцкарски апарати. Заедно ја формирале компанијата за приредување игри на среќа „Макс Бет“.

Што се однесува до превирањата во врска со потпишаниот македонско-грчки договор, во воведната колумна „Тесната кожа на Христијан Мицкоски“ пишува дека доаѓа време кога Мицкоски нема веќе да може повеќе да ги лаже ќосињата дека ги поддржува, ама не може да им се придружи, дека е против промена на уставното име, ама не е за бојкот на референдумот. „Но исто така доаѓа време кога ќе мора јасно да каже – дали навистина е за НАТО и за ЕУ или е против Договорот со Грција. Зашто, не може да биде за двете работи истовремено“, забележува неделникот.

Белгија или Босна – изборот е наш!“, порачува во истиот Фокус во една колумна авторот напомнувајќи дека пред себе имаме еден демократски процес на изјаснување, кој треба да заврши со референдум на кој граѓаните ќе го кажат последниот збор за компромисот помеѓу Македонија и Грција. „Суштината е“, пишува колумнистот, „дали сакаме да се вратиме на старата политика или сме спремни храбро да зачекориме напред. Во демократското разногласие, да внимаваме на своето поведение, особено кон неистомислениците. Белгија или Босна – изборот е наш“, порачува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG