Достапни линкови

Преспанци чекаат отворање на граничниот премин Маркова Нога-Герман


Затворениот граничен премин Маркова Нога-Герман меѓу Македонија и Грција

По потпишувањето на договорот за името, жителите на Преспа се надеваат дека повторно ќе се отвори граничниот премин Маркова Нога-Герман за да не мора да патуваат по 100 километри до соседното село.

Спуштена рампа до половина коловоз со прицврстен знак стоп стои на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога-Герман. Половина век жителите на Преспа од двете страни на границата чекаат да се дигне старата рампа и да се отвори граничниот премин. По потпишувањето на договорот за името во Нивици или на грчки Псарадес, се подгреа надежта кај нив дека можно е преминот повторно да проработи. И на средбата меѓу грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев во Давос пред три месеци беше најавено отворање на преминот.

Жителите од македонскиот дел на Преспа сметаат дека отворањето на преминот Маркова Нога-Герман ќе донесе развој на пограничниот преспански регион. Велат дека во минатото надежите многупати им ги подгреале политичарите, но сè останало на зборови.

„Отворањето на преминот би значело економски развој. Ова овде е мртва точка, како крај на светот. Право не се оди, само назад. Бидејќи жителите од селата претежно со заминаа, барајќи работа во Скопје, можеби ако се развие туристички местото ќе се вратат и ќе работат тука. Последното село на македонска страна, Долно Дупени имаше 700 жители, а денес 120. Имаме училиште со тројца ученици. Најблиското село од другата страна е Раби на 2 километри. Но за да одиме таму ние мора да вртиме околу од кај друг граничен премин Меџитлија дури 100 километри“, вели Зоран Димовски, сопственик на продавница во Долно Дупени.

„Да се отвори во интерес е на сите, ќе има поголема фреквенција на движење, промет, селата изумреа од оваа страна, сите се иселуваа“, рече Леко Митревски.

„За да ги видиме роднините на грчка страна треба да вртиме преку Битола, некаде околу стотина километри“, рече Сотир Јовановски.

Сè било поинаку до 1967 година кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на преминот. Жители од пограничните преспански села на грчка страна, зборувајќи на македонски јазик бараат да се отвори преминот. Така велат дека ќе им се обнови врската со народот од македонските села.

„Ќе се омажат, ќе се оженат, така се правеше порано. Ние тука во селото имаме жени од Грнчари. Нашите момчиња одеа овчари во другите села“, рече жител на Нивици.

Сепак, во 1967 година Грција донесла политичка одлука и го затворила преминот. Првите најави дека пак ќе проработи беа во 1999 година на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија, Јоргос Папандреу и Александар Димитров. Во 2009 година Антонио Милошоски како министер за надворешни работи упати писмо до грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на преминот. Но, таа го одби. Пред три години шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека нема да се сруши вселенски брод ако се отвори преминот. Најновото ветување го даде грчкиот премиер Ципрас пред три месеци.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG