Достапни линкови

Сите теми во сенка на спорот за името


Архивска фотографија: Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на средба во Солун

Спорот за името и продолжувањето на преговорите за решение се главна тема во сите дневни весници. Тие пишуваат и за црковниот спор и за рејтинзите на партиите.

„Сè уште нема договор за името“, порача премиерот Заев на отворената прес-конференција пред Споменикот на паднатите борци за ослободување на Скопје во дворот на Владата, гласи насловот во Нова Македонија. Вечер го цитира Заев од одговорот на едно новинарско прашање во врска со преговорите за името: „Вистински патриоти се тие што обезбедуваат иднина на граѓаните“. Слободен печат и Вечер информираат дека ЦО на СДСМ одржал седница на која претседателот на партијата, Заев, информирал за преговорите околу повеќедеценискиот спор и дека Централниот одбор му дал одврзани раце да ги продолжи чекорите со цел негово решавање.

Откако во Њујорк шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Димитров и Коѕијас, одржаа нова рунда преговори со медијаторот Нимиц, тие во Брисел одржаа уште една рунда преговори, по што Слободен печат на насловната излезе со загатливо прашање: „Компромис во рамка или во нова замка?“, а во текстот пишува дека „Во Брисел е постигната рамка за компромис за името“, пренесувајќи го дописникот на МИА од Брисел.

Вечер ја цитира Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенел со наслов: „Остра критика за Владата – Тасева: Македонија е и сега заробена и корумпирана држава“.

Вечер и другите медиуми информираат дека „Вселенскиот патријарх позитивно му одговори на Заев за МПЦ“ – со дополнување дека премиерот Заев пред еден месец со писмо побарал од Вселенската Патријаршија признавање на автокефалноста на МПЦ-Охридска Архиепископија како рамноправна во православниот свет. „Вселенската патријаршија ја презеде одговорноста за прашањето за МПЦ“, гласи насловот во Нова Македонија, па додава дел од соопштението на Светиот Синод: „Вселенската Патријаршија одлучи да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори“. Вечер и Слободен печат објавија дека „МПЦ-ОА предлага да го избрише ’македонска од името за да биде признаена!?‘“ Ова го побарала МПЦ од Вселенската патријаршија, а е објавено во едно од највлијателните црковни гласила во Грција, Ромфеа.

Електронските изданија на печатените медиуми ги пренесуваат и резултатите на анкетата на ТВ Телма и МЦМС: „Заев со поголем рејтинг од Мицкоски: 24% спрема 2,9% во корист на Заев. Поранешниот премиер Груевски од ланските 28,5% сега има поддршка кај граѓаните од 6,1%“.

Вечер оди и со наслов: „15 нерасчистени случаи за напад врз новинари, намерно не било постапувано навреме“, цитирајќи го министерот на МВР, Оливер Спасовски дека од 2013 до лани биле поднесени вкупно 47 пријави од граѓани или медиуми за физички напад врз новинари и закани од секаков вид.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG