Достапни линкови

Планот 3-6-9 отскочна даска за следните реформи


Реформскиот план 3-6-9 помина со задоволителен статус на реализација. Од Институтот за демократија кој го набљудуваше целиот процес на реализација на планот, посочуваат дека најслаби резултати се постигнати во делот девет, кој се совпаѓа со периодот кога опозицијата го бојкотираше собранието.

Задоволителен статус на реализација. Вака Институтот за демократија го оценува спроведувањето на владиниот реформски план 3-6-9 чија цел беше да се исполнат барањата на ЕУ преточени во препораките на Прибе. Преведено во бројки, од 130 предвидени активности, 60 насто се сметаат за исполнети, 6 проценти се делумно исполнети, 11 насто се неисполнети, а 23 се немерливи. Споредено со првите шест месеци, може да се забележи дека најслаби резултати се постигнати во делот девет, односно последните три месеци од планот.

„Според наше толкување тоа е резултат на временскиот период во којшто се реалзираше делот девет а во тој период имаше бојкот на собранието од страна на опозицијата и најголемиот број нереализирани активности потпаѓа на законите за коишто беше потребно двотретинско мнозинство за да бидат усвоени. Голем дел од нив се усвоени, но по истекувањето на рокот за реализација на делот девет, 17 април,“ вели Иван Николовски од Институтот за демократија.

Николовски кој работеше на истражувањето, вели дека најголем проблем во спроведувањето на реформите претставувале крупните реформски закони во областа на судството, безбедносните реформи и јавната администрација, бидејќи за нив беше потребна и поддршката од опозицијата.

„И во делот девет, но и во планот во целост најголем проблем беа крупните реформски закони за чиешто усвојување беше потребна поддршка од опозицијата. Во пракса се покажа дека токму поради овие причини нивното спроведување беше малку отежнато, тука се активностите врзани со правосудството, јавната администрација, реформите во безбедносно-разузнавачките служби и сл“.

Александар Колекевски од Евротинк, Центар за европски стратегии оценува дека планот 3-6- 9 ја остварил својата цел, а како потврда за тоа ја посочува вратената препораката за членство на земјава во ЕУ.

„Она што е следно е планот 18 и другите реформи за тоа како би требало да се движи Македонија доколку се отворат преговорите. Во секој случај многу е важно на маса да се врати владеењето на правото, кое се уште се соочува со предизвици. Гледаме какви ситуации има со Советот и вклученоста на луѓето, гледаме какви се пресудите, се уште се јавува сервилноста, клиентелизмот којшто самата фела го дава и прашање е дали за брзо време тука може да се остварат резултати, изјави Колекевски.

По добивањето на извештајот за напредокот на земјата од ЕУ премиерот Зоран Заев изјави дека по реформскиот план 3-6-9, следува нов план, планот 18, за кој мотив бил токму позитивниот извештај. Тој вети уште поенергично водење на политичките и реформските процеси во следните месеци со цел во јуни Македонија да добие датум за почеток на преговори.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG