Достапни линкови

Трамп: Овој напад е казна за Асад за хемискиот атак врз цивили


Фотографија на сириската новинска агенција САНА на која е прикажан Дамаск осветлен од експлозиите на сојузничките ракети

САД, Франција и Велика Британија изведоа воени напади во Сирија гаѓајќи со ракети повеќе цели, за, како што изјави американскиот претседател Доналд Трамп, да го казнат сирискиот претседател Башар ал Асад за хемискиот напад врз цивили и да го одвратат од повторување.

Уништени се клучни цели, а според сириската војска, немало човечки жртви туку само материјална штета.

Додека претседателот Трамп зборуваше од Белата куќа, експлозиите од ракетите на сојузниците го осветлуваа Дамаск, главниот град на Сирија. Според Пентагон, нападите се насочени кон „срцето на програмите на Асад за развој и производство на хемиско оружје“.

Според светските новински агенции, кои се повикуваа на официјални извори во американското министерство за одбрана, нападите биле извршени од авиони и од бродови што лансирале крстосувачки проектили од Средоземното Море.

Погодени се три цели, вклучувајќи го и истражувачкиот центар во близина на Дамаск, и две цели во Хомс.

Како што јави Би-Би-Си, ова се најжестоки напади на западните земји врз силите на сирискиот претседател Асад од почетокот на граѓанската војната во Сирија пред седум години.

Нападите нема да бидат повторени, проектилите биле прецизни

Соединетите држави тврдат дека сите проектили биле прецизно насочени, дека некои биле пренасочени, дека нема жртви, туку само повредени и дека материјалните штети не се големи, пренесе телевизијата СиЕнЕн, и дополни дека „нападите нема да бидат повторени“

Сирија тврди дека повеќето американски ракети се соборени со системите „БУК“ и „Квадрат“.

Матис: Внимателно одбрани цели за да се избегнат цивилни жртви

Набрзо по нападот, американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, рече дека нема извештаи за загуби на САД и рече дека „извеле тежок, но внимателно ограничен напад“.

Матис појасни дека нападот е „еднократен удар”, освен ако Асад не ја повтори употребата на хемиско оружје.​ Според него, сојузничките сили посебно внимание посветиле на тоа кои цели за напад ќе ги изберат за да ги минимизираат цивилните жртви.

Сириската државна телевизија објави дека сириската противвоздушна одбрана силно одговорила на нападот, но не даде прецизни информации за евентуални загуби на двете страни.

„Злото и одвратниот напад ги оставиле мајките и татковците, доенчињата и децата, удирајќи се од болка и гушејќи се за воздух. Ова не се дела на човек; тие се злосторства на чудовиште “, рече претседателот Трамп од Белата куќа и додаде дека САД се подготвени да го одржат економскиот, дипломатскиот и воениот притисок врз Асад додека не го прекине, како што рече „криминалниот модел за убиство на својот народ со меѓународно забрането хемиско оружје“.

Нападот не е против Русија, Асад засолнет во руска база

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан рече дека овој напад не е против Русите и дека тие биле предупредени пред интервенцијата.

Неколку британски медиуми објавија дека сирискиот претседател Башар ал Асад се засолнил во руската база Хмејм. Според видеоснимка до која дошол „Багдад пост“, пишуваат британски медиуми, Асад се наоѓа во таа воздухопловна база во просторија без прозорци.

Трамп: Путин да одлучи дали ќе продолжи да оди по мрачниот пат

Трамп ги нападна двајцата главни сојузници на Сирија, Русија и Иран, за нивниата поддршка на, како што рече, „убиствените диктатори“.

„Русија мора да одлучи дали ќе продолжи по овој мрачен пат или ќе се приклучи кон цивилизираните нации како сила за стабилност и мир“, рече Трамп и ја повика Москва да го промени курсот и да се приклучи на Западот во потрага по поодговорен режим во Дамаск.

Рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов ги осуди воздушните напади и предупреди дека „таквите акции нема да останат без последици“.

Путин: Ова е акт на агресија

САД и нивните сојузници погодија цивилни и воени капацитети во Сирија, кршејќи ја Повелбата на ООН и меѓународното право, рече рускиот претседател Владимир Путин, одговарајќи на американско-француско-британската интервенција во Сирија.

Путин ги нарече воздушните напади акт на агресија и рече дека Русија ќе свика итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да разговара за „агресивните акции на САД и нивните сојузници“.

САД и нивните сојузници извршија воен напад врз Сирија точно во момент кога земјата доби шанса за мирна иднина, оцени портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Според неа, оние што стојат зад нападите сметаат дека имаат екслузивно право на морално лидерство во светот. Захарова оцени дека Сирија, која со години се спротивставувала на „терористичката агресија“, е нападната во момент кога имала шанса за „мирна иднина“.

„Белата куќа вели дека нејзината убеденост за извршен хемиски напад од страна на Дамаск се базира на извештаите од медимите, сознанијата за симптомите, снимките и фотографиите, како и на кредибилни информации. По ова, американските и другите западни медиуми треба да бидат свесни за својата одговорност за тоа што се случи“, напиша Захарова на Фејсбук.

Русија не користела ниту еден свој систем за противводушна одбрана во Сирија при нападот на САД, Франција и Велика Британија, соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Дамаск: Нападот е да се спречи истрагата во Дума

Според официјален Дамаск, нападите на САД, Велика Британија и Франција, имале за цел „да ја спречат мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЦВБ), која требаше да почне денеска во Дума, со задача да утврди дали во тој град минатата сабота бил извршен напад со хемиско оружје“.

„Главна цел на агресијата е да се спречи работата на тимот и да се изврши притисок врз мисијата во обид за прикривање на лагите и измилсиците на Западот. Нападите нема да ја поколебаат сириската армија во нејзината решителност да ја засили борбата против бунтовниците и да воспостави контрола врз целата територија на земјата“, стои во реакцијата на сириските власти.

Сирија соборила 12 американски ракети, нема жртви

Руската војска соопшти дека сириските системи за воздушна одбрана ги собориле сите 12 ракети кои ја гаѓале сириската воздушна база во Думаир, источно од Дамаск.

Руското министерство за одбрана наведе дека американски, британски и француски бродови испукале вкупно повеќе од 100 крстосувачки ракети воздух-земја, јави Асошиејтед прес.

Во ракетните напади кои се случија рано утринава во кои САД, Британија и Франција ја нападнаа Сирија никој не загина. ма само материјална штета на сиријската територија, соопшти сиријската војска.

Поддршка од НАТО, ЕУ и од Турција

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја поддржа воената акција на Америка, Франција и Британија, а во соопштението навел дека воздушните напади ќе ја намалат способноста на сирискиот режим да ги продолжи нападите на сирискиот народ со хемиско оружје.

И претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денеска изрази солидарност на ЕУ со САД, Велика Британија и Франција по нападите врз Сирија.

Турција ги поздрави воздушните удари вез сириската влада како „адекватен одговор“, соопштило турското министерство за надворешни работи.

„Ние како соодветен одговор ја гледаме операцијата која против сириската влада ја изведоа САД, Велика Британија и Франција“, стои во соопштението.

XS
SM
MD
LG