Достапни линкови

Нема паралелен увоз без сертификат за квалитет за секој лек


Владата одлучила при паралелниот увоз на лекови увозникот да мора да има оригинален сертификат за квалитет на секоја серија лекови, соопшти владиниот портпарол, кој на прес-конференција информираше и за текот на разговорите со Грција и негираше дека се преговара за конкретни предлози

Веледрогериите кои во иднина ќе увезуваат лекови при т.н. паралелен увоз мора да обезбедат оригинален сертификат за квалитет на тие лекови, одлучила Владата на својата последна седница. Според владината одлука, сертификатот за квалитет треба да биде издаден од производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот.

Како што информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски, на овој начин треба да се зголеми контролата на квалитетот и безбедноста на секоја серија од лековите при паралелниот увоз и со тоа да се заштитат пациентите од евентуални неквалитетни лекови.

До каде се преговорите за името?

Освен за последните владини одлуки, Бошњаковски информираше и за текот на разговорите со Грција за спорот со името, а по бројните информации во дел од грчките медиуми дека имало и конкретни предлози за негово решавање.

„Нема да лицитираме со имиња. Честите средби се во насока на градење доверба, добрососедство и пријателство во интерес на решавање на прашањето за името во интерес и на двете страни. Во моментов не се зборува за конкретни имиња. Преговорите се водат под покровителство на Обединетите нации, со посредство на Метју Нимиц. Процесот е јавен и транспарентен. Се додека нема ништо конкретно и специфично нема да лицитираме со потенцијални имиња “, рече Бошњаковски.

Тој потврди дека премиерот Зоран Заев ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос, што ќе биде прво учество на Македонија на Форумот по 14 години, но немаше информација дали Заев ќе се сретне со неговиот грчки колега Ципрас.

Народниот правобранител со поголеми овластувања

Бошњаковски информираше дека Владата на последната седница усвоила и предлог за измена на Законот за Народниот правобранител, со што ќе формира посебно надворешно дело, кое, како што рече, ќе работи како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица од МВР и од затворската полиција.

Мерка против загадувањето

„Усвоен е и ажурираниот Национален имплементационен план за редукција и елиминација на перзистентните органски загадувачи во Македонија, кој согласно обврските кон Стокхолмската конвенција за животната средина, во доменот на овие хемикалии, подразбира спречување на неконтролирано горење отпад на нестандардни депонии, воспоставување контрола при увоз на стара опрема со ризик од хемикалии штетни за здравјето на луѓето и животната средина, формирање и функционирање на собирни центри, центри за третман и преработка на искористени возила, како и други мерки“, информираше владиниот портпарол.

На последната седница владата склучила долгорочен договор за закуп на градежно земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1, со компанијата Џемдаг Лајтинг Еуропа. Според портпаролот Бошњаковски, ова е прв договор за гринфилд инвестиција според критериумите од новиот План за економски раст кој беше промовиран непосредно пред Нова Година. Инвестицијата ќе изнесува пет милиони евра и се предвидени 100 вработувања.

На истата седница владата назначила и нови директори на затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари и на Државниот градежен инспекторат, а е донесена и одлука за формирање на Комитет за ветеринарство и здрава храна.

Емил Златков

XS
SM
MD
LG