Достапни линкови

Трамп им се закани на земјите кои во ОН ќе гласаат против САД


Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе им ја укине помошта на земјите ако гласаат за резолуцијата на Обединетите нации во која се осудува неговото признавање на Ерусалим како главен град на Израел.

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство ја усвои Резолуцијата со која се осудува американската одлука за признавање на Ерусалим за главен град на Израел.

Од 193 земји членки на ОН, 128 вечерва гласаа за резолуцијата, девет беа против, а 35 воздржани.

Освен САД и Израел, против Резолуцијата гласаа и Гватемала, Хондурас, Того, Микронезија, Науру, Палау и Маршалските Острови.

Генералното собрание ретко одржува вонредни седници.

Денешната е по барање на арапските и муслиманските држави за контроверзната одлука на администрацијата во Вашингтон.

Иако резултатот од гласањето на 193-членото Генерално собрание не е обзрзувачки, сепак, според експертите, испраќа своевидна политичка порака.

Порака упати и американскиот претседател Доналд Трамп пред гласањето до оние што ќе бидат против неговата одлука:

„За сите овие земји кои ги земаат нашите пари и потоа гласаат против нас во Советот за безбедност, или гласаат против нас, потенцијално, во Собранието. Тие земаат стотици милиони долари, па дури и милијарди долари, а потоа гласаат против нас. Па, ги гледаме тие гласови, нека гласаат против нас, ќе заштедиме многу“, рече тој.

Претходно и американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, најави дека Соединетите Држави ќе ги бележат имињата на земјите кои гласаат за резолуцијата со која се осудува одлуката за Ерусалим.

Шефот на палестинската дипломатија Ријад ал Малики го обвини Вашингтон дека со закани ги заплашува членките на Генералното собрание на Обединетите нации поради осудата на неговата политика.

Турција и Јемен побараа од Генералното собрание да се изјасни откако Соединетите Држави ставија вето на нацрт резолуцијата што ја подготви Египет за Советот за безбедност на Обединетите нации.

Преостанатите 14 членки на Советот гласаа „за“.

Палестинците сметаат дека Ерусалим треба да биде главен град на нивната идна држава.

Израел го анектира Источен Ерусалим и го прогласи за главен град, потег кој никогаш не беше прифатен од меѓународната заедница.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG