Достапни линкови

Стрипот во Македонија недостапен за пошироката јавност


Ване Трајков, извршен директор на Стрип Центарот во Македонија.
Ване Трајков, извршен директор на Стрип Центарот во Македонија.

Нема доволно списанија, дневните весници гаснат секојдневно, а и тие многу ретко објавуваат стрипови. А стрипот се уште не го освоил електронскиот простор, велат од Стрип Центарот во Македонија.

Стрипот во Македонија е недостапен за пошироката јавност, весниците и издавачките куќи не се спремни да ги плаќаат авторите, а ретко се јавува во електронски формат, вели Ване Трајков, извршен директор на Стрип Центарот во Македонија, кои неодамна имаа изложба на стрипови во Битола.

„Стрипот во вакви рамки како што е, се уште е недостапен за пошироката јавност. Немаме доволно списанија, дневните весници гаснат секојдневно, од десетина дневни паднавме на три, тие многу ретко објавуваат стрипови, може по некое ретче. Публиката бара стрипови, но издавачите не се спремни да плаќаат, тоа е проблеми. Стрип цртачот ќе понуди една- двапати, но потоа нема да работи за без пари. Дневните весници и големите издавачки претпријатија треба да се погрижат зашто во светот стрипот е деветта уметност, од него се живее и тој се подарува за родендени“, вели Трајков.

Македонските стрипови сè поретко наоѓаат место и во списанијата од регионот.

„За жал, во Македонија се уште е ограничен просторот за пласман, односно за комерцијална работа. Со распаѓањето на Југославија многу списанија што беа рентабилни и комерцијални, каде авторите објавуваа и можеа да живеат од хонорарите, згаснаа или тиражите се недостапни за луѓе од Македонија. Тие се ограничени на 300 до 500 примероци“, вели Трајков.

И покрај ваквите состојби Трајков вели дека стрипот во земјава се уште не го освоил електронскиот простор, односно дека ретко се среќава по порталите и социјалните мрежи.

„Кога нема печатен тираж, електронското појавување на стрипот по порталите е следно за што размислуваме. И тоа ќе оди тешко, ќе мора да се прави двојазично, на македонски и англиски јазик, бидејќи нашиот пазар е ограничен и само со македонските портали не ќе можеме да опстанеме“, вели Трајков.

Во вакви услови стрип цртачите не можат да обезбедат егзистенција од оваа уметност. Иако има повеќемина Македонци кои стрипот го користат како медиум на своето уметничко изразување и во својата работа се одлични, сепак во јавноста не се знае многу за нив. Од пред неколку години Министерството за култура почна да издвојува средства за издавање на мноштво изданија од деветтата уметност. Стрип цртачите се надеваат дека ваквата поддршка ќе продолжи и понатаму.

„Правевме обиди заедно со Министерството за култура да востановиме единечна цена на производ, стрипот да се плаќа. Дали тоа ќе биде преку конкурс или издавачка куќа на авторот да му се плаќа бидејќи тој вложил труд, а некои и професионално живеат од тоа. Тоа го немаше изминативе десетина години, во последните три-четири години благодарение на Стрип центарот Министерството за култура почна да исплаќа хонорари за цртање. Не се којзнае какви, не се оние што ги очекуваме, меѓутоа сепак е почеток“, вели Трајков.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG