Достапни линкови

Бомбашки напад во Киев, убиени две лица, повреден пратеник


Во бомбашки напад во главниот украински град Киев биле убиени две лица, додека петмина други биле ранети, меѓу нив и пратеникот Ихор Мосијчук од опозициската националистичка Радикална партија, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи. Полицијата е во потрага по напаѓачите и нивните мотиви.

До експлозијата дошло кога Мосијчук и неколкумина други ја напуштале зградата на една локална телевизиска станица во дистриктот Соломјански.

Експлозијата била предизвикана од мотоцикл паркиран во близина на телевизиската станица.

„Станува збор за терористички чин“, се наведува во соопштението на Министерството.

Заменик обвинителот Павло Кононенко изјави:

„Припадник на првиот вод на полкот за специјални операции, роден во 1986 година, почина. Четворица други имаат различни рани од шрапнели со различно ниво на сериозност. Мосијчук во моментов е во Борисова болница каде што е опериран. Има рани на грбот и стомакот“, рече тој.

Според последните информации, пратеникот не бил во животна опасност. Полицијата е во потрага по извршителите и мотивите за нападот.

Радикалната партија соопшти дека постојат сомневања оти инцидентот бил политички мотивиран, односно дека тоа било атентат врз нивниот член Мосијчук.

„Тоа е поврзано со неговите професионални активности и политички ставови. Јасно е дека ова е дело на нашите непријателски тајни служби“, оцени лидерот на таа партија Олег Лијашко.

По избувнувањето на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина во 2014 година, е зголемен бројот на инциденти надвор од зоната на борбите во кои цел биле политичари и новинари.

Во јуни, полковник во воената разузнавачка служба на Украина беше убиен од автомобил-бомба во центарот на Киев.

Поранешниот руски пратеник Денис Вороненков, критичар на Кремљ кој се пресели во Киев, беше застрелан во март годинава.

Претходно во експлозија на автомобил бомба беше убиен новинарот Павло Шеремет кој беше остар критичар и на Русија и на Украина. Овие случаи се уште не се разјаснети.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG