Достапни линкови

Тетовската болница две години чека втор влез


Клиничка болница во Тетово.

Пред две години локалната самоуправа започна да гради нов влез на тетовската болница како решение на сообраќајниот метеж, но проектот се уште не е целосно завршен. Локалната власт вели имале други итни работи и не можеле да го завршат проектот.

Само еден влез за возила во тетовската клиничка болница со години е причината тој дел од градот да биде црна сообраќајна точка. За да се влезе со автомобил во кругот на болницата често пати се чека во колона од автомобили кои се создаваат на улицата „29 Ноември“, единствената приспатна сообраќајница која на половина од делницата е и еднонасочен пат. Често пати се случува и возилата на Брзата помош да имаат проблем да влезат или излезат од кругот на болницата. Отежнато движење по улицата имаат и станарите од зградите спроти Клиничкиот центар.

„Итна помош доаѓа од таа страна и не може да влезе од коливе. Свири, бучи, секој ден сирени од Прва помош. Не можам јас да стојам на балконот. Овде порано имаше еден влез. Еден влез, но не е практичен, бидејќи пречи зградава што е тука. Тој влез кај хируршко, само за излез е, не е за влез и ептен е тесно. Оваа зградава од кога викаат ќе ја уриваат и никако да ја урнат“, вели Мирсад Алии, кој живее во близина на болницата.

Пред две години локалната самоуправа започна да гради нов влез и асфалтираше коловозна лента зад болницата, како решение на проблемот, но проектот се уште не е целосно завршен. Раководителот на секторот за сообраќај Хусеин Демири вели дека поради други итни работи општината немала можност да го доврши започнатото.

„Се работи за патот или улицата зад болница, од Камениот мост надолу. Таа улица или тој пат го асфалтиравме пред 2 години и за да функционира тој пат ни останува уште 80 метри асфалтирање, а пред асфалтирањето ни треба 40 метри потпорен ѕид од речното корито да се направи тогаш ќе биде патот готов. Меѓутоа поради некои причини не сме можеле да реализираме некои проекти, јас би споменал дека две години со ред имавме поплави. И поплавите ни ги пореметија работите“, рече Демири.

Од левата страна на клиничката болница исто така со години се чека на пробивање на булеварот Благоја Тоска преку веќе изграден мост. Реализација на оваа замисла исто така би значела можност за намалување на метежот околу клиничкиот центар.

XS
SM
MD
LG