Достапни линкови

Многу нејаснотии пред стартот на двосменското работење


Шалтер за лични документи

Во септември во некои јавни уставни почнува двосменско работење. Со тоа, како што е образложено од владата, би требало да се подобрат услугите за граѓаните. Вработените во овие установи сè уште чекаат да им биде прецизирано како ќе работат.

Синдикатите го избегнуваат изјаснувањето околу двосменското работење со кое од петок покрај градинките ќе бидат опфатени Управата за јавни приходи, Управата за водење матични книги, Министерството за внатрешни работи, подрачните отсеци во Секторот за управно надзорни работи, во Одделот за граѓански работи и Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градови и општини во состав. Работното време во овие институции ќе биде од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, а ќе се работи и првата сабота од месецот, но само во една смена од 8:00 до 16:00 часот.

Генералниот секретар на Синдикатот на работниците во административните органи, Трпе Деановски вели дека нивниот синдикат е засегнат во две институции - Управата за јавни приходи и Управата за водење матични книги. Тој посочи дека меѓу вработените имало нездоволство на почетокот, но од Владата добиле дообјаснување дека работењето во две смени ќе биде воведенo само на шалтерите за да им се излезе во пресрет на сите граѓани навремено да ги извршуваат своите потреби од тие институции. Како што наведе Деановски, од Министерството за информатичко општество добиле ветување дека доколку се појават проблеми Владата ќе биде отворена за соработка и одлуката ќе биде промената.

„На пример во УЈП кога се поднесуваат годишни даночни пријави од физички лица тогаш имаше поголем обем на работа и Управата работеше со продолжено време. Така што доколку има потреба за двосменското работење треба да остане, но ако нема нема потреба би требало и самата влада и Министерството да видат дека тоа треба да се промени“, вели Деановски.

Од синдикатот на полицијата велат дека се уште не добиле официјален допис на каков начин се предвидува да се работи. Во моментов управните служби на МВР и сега работат двосменски, како управите за фотографирање на патни документи, лични карти, пасоши и возачки дозволи.

„Тоа фукциoнирaло и досега, но работно време било покрaтко. Не до 21 туку до 19 часот. Како ќе биде во иднина не е доставен од Минситерството допис на кој начин ќе се организира работата во смени“, вели Ацо Антовски претседател на синдикатот на полицијата.

Освен распоред во две смени во одлуката на владата е вклучено и флесибилно работно време.

Од Синдикатите првично ги пофалија мерките на владата со кои од септември вработените во администрација ќе можат да одат на работа од 7 и 30 или од 8 и 30, но сега се појавуваат нејаснотии. Според нив, со одлуката на Владата и се дава можност на администрацијата сама да решава кој кога ќе дојде на работа.

„Не ни е јасно како. Владата донесе одлука дека е флексибилно време. Значи ако си дошол 7, 30 си одиш дома во 15 и 30, ако дојдеш во 8 си одиш во 16, ако дојдеш во 8 и 30 си одиш дома во 16 и 30. Но, добивме информации од вработените дека директорите им велат на вработените дека ќе мора да си доаѓаат од 8 до 16“, вели Деановски.

Oд синдикатот дополнуваат дека очекуваат прецизно појаснување од Министерството за информатичко општество пред започнување на флексибилното работно време.

Синдикатите флексибилното работно време го побараа уште во 2006 година, кога претходната влада го воведе новото работно од 8.30 часот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG