Достапни линкови

Во Полска продолжуваат протестите против судските реформи


Илјадници луѓе и синоќа се собраа пред зградата на парламентот во Варшава во знак на протест против судските реформи. Политичките противници, групите за човекови права и ЕУ велат дека со реформите се поткопува поделбата на власта меѓу извршната власт и судството.

И додека владејачката партија „Право и правда“ останува најпопуларна меѓу полјаците, илјадници луѓе секојдневно протестираат против нејзините планови да го реформира судството.

Агњешка е една од учесниците на протестите:

„Право и правда сака да ја преземе целата моќ, каква и да е, вклучувајќи ги и извршната и законодавната власт, а исто така и судската“.

Јацек Денел пак, смета дека владејачката партија и претседателот на Полска Анджеј Дуда прават се за да можат да го постигнат тоа:

„Претседателот предложи промена на еден закон што го крши Уставот со друг закон што го крши Уставот. Нема никаква разлика“.

За реформите во судството во средатата расправаше и Европската комисија.

Нејзиниот потпретседател Франс Тимерманс се закани дека Полска би можела да биде казнета, односно да и биде одземено правото на глас во Унијата.

„Неодамнешните мерки преземени од страна на полските власти во врска со судскиот систем и судиите значително ја зголемуваат заканата по владеењето на правото“.

Брисел и даде Варшава една недела за да ја прекине реорганизацијата, за која оцени дека ќе ги стави судовите под директна владина контрола што е поткопување на демократијата во најголемата членка на Унијата од поранешниот комунистички блок.

Лидерот на владејачката партија Јарослав Качињски синоќа изјави дека Европската унија не може да ја казни Полска и да и го одземе правото на глас поради реформите.

Според него, за тоа Унијата би морала да постигне консензус од сите членки, а тоа, како што рече, го нема.

„Странството е заинтересирано и натаму да ја експлоатира Полска, а чесните судови тука би биле голема пречка“, изјави тој за државната телевизија.

Аналитичарите сметаат дека Врховниот суд со состав на судии што ќе го прави министерот за правда ќе биде послушник на владејачката конзервативна партија и секои избори на кои не би победила таа би можело да ги прогласува за нелегални.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG