Достапни линкови

Трамп на самитот на Г20 имал и втора средба со Путин


Претседателите на САД и на Русија Доналд Трамп и Владимир Путин одржале втор, претходно не обелоденет разговор, за време на самитот на Г20 во Хамбург во почетокот на овој месец, соопшти Белата куќа. Двајцата лидери имаа официјална билатерална средба кој траеше над два часа на 7 јули.

По оваа средба Трамп изјави дека Путин ги отфрли наводите дека тој наредил мешање во претседателските избори во Соединетите држави.

„Претседателот Путин и јас разговаравме за разни работи и мислам дека тоа оди многу добро, имавме многу многу добри разговори. Сега ќе разговараме и очигледно ќе продолжиме“.

Белата куќа вчера соопшти дека Трамп и Путин имале „краток разговор“ и за време на вечерата на самитот за светските лидери и нивните сопруги.

Притоа, не е прецизирано колку траела оваа средба и за што се разговарало.

Јан Бремер, претседател на консултантската куќа за политички ризик „Евроазија“ кој прв извести за втората средба меѓу Трамп и Путин наведе дека тие минале скоро еден час во разговор само во присуство на преведувачот на Путин.

Тоа, според Бремер, предизвикало чудење кај другите гости, наведувајќи дека тоа претставувало и своевидно кршење на протоколот за национална безбедност.

„Никогаш во мојот живот како политички научник не сум видел две земји, големи земји, со констелација на национални интереси кои се толку дисонантни, додека двајцата лидери се чини дека прават сé што е можно да им биде убаво и да бидат блиски еден до друг. Тоа е она што луѓето не го разбираат“.

Белата куќа соопшти дека Трамп немал преведувач, бидејќи оној што бил на вечерата не знаел руски јазик.

Инаку, на телевизиската снимка се гледа дека Меланија Трамп седела веднаш до Путин.

Трамп е под интензивен надзор од страна на американскиот Конгрес, како и од специјален советник кој го испитува мешањето на Русија во претседателските избори во 2016 година и дали изборниот штаб на Трамп имал некаква врска со таквата активност.

Трамп постојано негира дека имало некаков дослух меѓу неговата претседателска кампања и Москва.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG