Достапни линкови

Крушево сред лето една недела без вода


Крушево
Крушево

Среде лето, жителите на Крушево и туристите цела недела останаа без вода. Гневно реагираат на локалните власти, кои пак уверуваат дека проблемот е решен. Сепак, потребно е зафаќање нови извори за да се обезбеди доволно количество вода за потребите на градот.

Туристичко Крушево и оваа сезона остана една недела без вода. Жителите револтирани и вознемирени реагираа.

„Мислам дека не е некој многу мал проблем да немате вода дома. Јас живеам со мало бебе, синоќа имаше температура, јас немам вода да го изладам. Си доаѓам навечер не можам машината за перење да ја вклучам на ефтина тарифа, а наутро имам вода, којашто не знам ни дали е исправна, ни за што да ја користам“, вели Александра Кардула.

Рестрикциите се рефлектираат и врз буџетот на четиричленото семејство на Пецо Рујаноски.

„Јас сум испровоциран, изиритиран и гневен на Градскиот совет и на директорите на 'Комуна'. Не сме во можност да ја користиме ефтината тарифа. Тоа што нема вода е природна катастрофа или не знам што, да не навлегуваме, ама ја запираат од 10 навечер до 6 наутро, кога треба да пуштиш перална, бојлер“, вели Рујаноски.

Бурни беа реакциите на крушевчани и на социјалните мрежи.

Директорот на ЈКП „Комуна“ вели дека проблемот е решен и нема да се повтори.

„Нема да има рестрикции во градот, градот ќе биде редовно снабдуван со тоа што, во одредени моменти ќе бидат пуштани пумпите во село Норово, за да се надополни оној недостиг од вода. Недостигот од нашите сопствени извори го наподолнуваме со испумпување вода од Студенчица“, вели директорот Велко Кртески.

Градоначалникот Ѓорѓи Дамчески истакнува дека се преземени повеќе зафати во изминативе четири години за да се обезбедат дополнителни количества вода во системот, преку зафаќање нови извори и реконструкција на мрежата, а во руралните средини со ставање на 300 водомери за контрола на користењето на вода.

„За оптимално водоснабдување ни недостигаат уште околу 5 литри вода во секунда. Веќе имаме готов проект за зафаќање на нови извори од Бушова Планина, се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај Владата, кај надлежните министерства, да ги обезбедиме сите потребни дозволи“, вели градоначалникот Дамчески.

Од Министерството за животна средина, пак, истакнуваат дека меѓу општините Крушево и Македонски Брод треба да се постигне првин согласност дека ќе се користат извори од Поречието, а потоа да се испочитува законската процедура.

„Да изготват или елаборат или студија за влијанието врз животната средина, во којшто ќе бидат елаборирани сите нешта, да нема нарушување, колкава е издашноста на тие извори... Ќе си добијат одобрение за таа студија или елаборат и ќе си добијат водостопанска согласност“, вели Сашо Секулоски, портпарол на Министерството за животна средина.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG