Достапни линкови

Советниците не може да се договорат, Боговиње нема плата


Протест на вработените во Општина Боговиње

По смртта на градоначалникот на , Хазби Идризи, во мај, нема кој да им потпише плата на вработените во локалната самоуправа. Советот не може да се договори да избере в.д. градоначалник.

Два месеци се без плата и придонеси за здравствено осигурување над 400 вработени во општина Боговиње и тамошните училиштата, бидејќи нема кој да ги потпише налозите, откако градоначалникот Хазби Идризи беше убиен во мај. Голем дел од вработените, пред сè во училиштата, и преку јавен протест изразија незадоволство што првенствено членовите на Советот не го решаваат проблемот, а имаат законска можност за тоа. Советниците треба да изберат вршител на должноста градоначалник сè до наредни избори, вели Неби Адеми, инаку библиотекар во училиштето во село Пирок.

„Битно е да се избере само едно лице од редовите на советниците. Тука нема право да биде избран само претседателот на советот, сите други имаат право да бидат избрани. Меѓутоа еве не можат да се договорат и да изберат еден заменик, групите што ги претставуваат партиите во Советот на општината. Да се договорат и да изнајдат решение за да можеме сите нормално да продолжиме да живееме. 80 отсто од сите вработени при училиштата во општина Боговиње зависат само од оваа плата, значи немаат други приходи. Така што навистина сме во непожелна позиција“, вели тој.

Во Советот од 19 советници, најмногу 9 има ДУИ, а потоа ДПА, Алијансата за Албанците и независен кандидат. За да се избере вршител на должноста, потребно е еден од кандидатите да добие 10 гласови. Претседателот на Советот, Сафет Имери, е оптимист и покрај тоа што на два пати досега не успеале да најдат решение на седница на Советот.

„Имавме два состаноци. Два пати гласавме. Два кандидати имаа по седум гласа. Вчера имавме состанок и немавме кворум. Сега ќе видиме кога ќе правиме кворум, може утре, може во понеделник, мора да одржиме состанок. Јас работам исто во образование и јас немам плата“, рече Имери.

Доколку советниците сами не изгласаат вд градоначалник во одреден рок, законските одредби налагаат Владата да одлучи наместо нив, вели Неби Адеми.

„Имаат 30 дена, имаат месец дена значи. До 15 јули ако не можат да се договорат да изнајдат решение, значи сите компетенции ги презема Министерството за локална самоуправа и тие ќе назначат владин повереник“, потенцира тој.

Политичката криза и неодржувањето на локалните изборите претходно беше причина централните власти да интервенираат со цел да продолжи да функционира врз локалната самоуправа низ целата држава. Во јуни по составување на новото парламентарно мнозинство, Собранието го продолжи мандатот на советите и градоначалниците, што беше истечен во март годинава.

XS
SM
MD
LG