Достапни линкови

Северна Кореја ги продолжува провокациите


Северна Кореја денеска лансирала уште една балистичка ракета која минала над илјада километри пред да падне во Јапонското Море, соопшти јужнокорејската војска. Веднаш потоа потрда за лансирањето стигна и од официјален Пјонгјанг. САД, Јапонија и Јужна Кореја упатија остри реакции.

Ракетата била лансирана од воздухопловната база Пангхион, на сто километри северозападно од Пјонгјанг, изјави портпаролот на јужнокорејскиот Генералштаб Ро Џае Чон, додавајќи:

„Нашата армија ја одржува воената подготвеност за можни натамошни провокации од Северна Кореја“, рече тој.

Ракетата, според американски претставници, била со среден, а не со долг дострел.

Американскиот претседател Доналд Трамп кој деновиве најави „решителен одговор на заканите на бруталниот режим во Северна Кореја“ денеска на Твитер напиша дека е тешко за верување оти Јужна Кореја и Јапонија ќе преминуваат преку ова и натаму.

Според Трамп, „веројатно Кина ќе направи тежок чекор кон Северна Кореја за да ја заврши оваа бесмислица еднаш заекогаш“.

Ракетата летала околу 40 минути и паднала во јапонската Ексклузивна економска зона, соопшти владата во Токио, наведувајќи дека остро просетира на ова јасно кршење на резолуциите на Обединетите нации.

До лансирањето на ракетата доаѓа пред самитот на Групата 20 економски најразвиени земји што деновиве ќе се одржи во Хамбург.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе најави дека таму ќе се сретне со претседателите на Кина и на Русија од кои ќе побара да одиграат поконструктивна улога.

„Јапонија ќе работи за зголемување на меѓународниот притисок врз Северна Кореа со посилно обединување со САД и Јужна Кореја“, рече тој.

Во понеделникот, кинескиот амабсадор во Обединетите нации Лиу Џиеји предупреди на катастрофални последици доколку големите сили не успеат да ја смират кризата со Северна Кореја.

Таа, според него, може да излезе од контрола.

Кина се залага за преговори за укинување на нуклеарната програма на Северна Кореја која минатата година изведе две нуклеарни проби, а годинава изврши серија тестови на балистички ракети.

Администрацијата на Трамп со месеци бара од Кина да изврши притисок врз Пјонгјанг за да ги прекине нејзините воени програми, но неодамна Трамп оцени дека напорите на Кина биле неуспешни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG