Достапни линкови

Европа стимулира поголема соработка на Западен Балкан


Амбасадорите на Италија, Австрија, Франција и Германија, Карло Ромео, Ренате Коблер, Кристијан Тимоние и Кристине Алтхаузер

Обединување на земјите од Западен Балкан, поголема соработка меѓу владите и стопанствениците и заеднички настап на трети пазари, е во фокусот на самитот во Трст кој треба да се одржи на 12 јули. Идејата е ЕУ на самитот да им помогне на шестте земји од регионот да ја подобрат соработката и со тоа да им се олесни патот кон приклучувањето во ЕУ.

Здружување и соработка на младите од поствоениот Западен Балкан е главната цел на проектот РИКО, кој, според примерот на германско- француската канцеларија за млади, ќе придонесе за помирување и подобрување на соседските односи на младите генерации. Идејата е едноставна, да им се овозможи на младите престој во некоја од соседните земји на подолг период, каде што ќе научат повеќе за регионот. Амбасадорите на Франција, Австрија, Германија и Италија во Македонија се сложни дека ваквиот проект ќе придонесе за помирување во регионот и за забрзување на евроатланските интеграции.

„За мене ова е начин да се покаже континуитет во сите наши напори во Европската унија за интегрирање на регионот, за кои е потребно многу работа, но кои нема да покажат успех без младинскиот дух, односно духот на младинските организации, кои имаат капацитет за компромис во ваквиот многу чувствителен период“, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер вели дека берлинскиот процес, којшто стартуваше во 2014 година, и кој во основа го има француско- германскиот пример на канцеларија за млади за помирување, покажува резултати.

„Во земјава има нов старт, во Владата, во Парламентот, каде што може да се внесе граѓанското општество. Мислам дека е убава идеја за ова да се отвори дискусија и во Парламентот, но тоа е до вас, треба да ја побарате, за да се зголеми интересот и информираноста за овој проект“, изјави Алтхаузер.

Овој проект ќе биде само дел од европскиот самит во Трст, Италија, кој ќе се одржи на 12 јули. На самитот ќе се одржат и панели за финансиските инструменти, за енергијата, транспортот и животната средина, како и бизнис форуми на кои ќе присуствуваат над 100 компании од Западен Балкан, од кои околу 20 се од Македонија, работилница за споделување искуство во борбата против корупцијата, како и свечена церемонија за создавањето за заедничка стопанска комора на шестте земји од Западниот Балкан, информираше италијанскиот амбасадор Карло Ромео. Владините претставници од земјите од Европската унија и од Западен Балкан ќе ги споделат своите стратегии и програми во насока на забрзување на порастот и интеграцијата во регионот, додаде тој.

Идејата во основа е да се поттурнува економијата, да го прави регионот попривлечен, да отвори повеќе работни места, подобри услови за живот и истовремено да го подготвува Западниот Балкан за функционира на одржлив начин и се фокусира на понатамошното учество на регионот во европскиот единствен пазар.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG