Достапни линкови

Се надевам дека и покрај зголемувањето на минималната плата, потребно е да се направи нов Закон за работни односи, кој еднаш засекогаш ќе биде во корист на работниците отколку на работодавачите, пишува активистот Рубинчо Аризанкоски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Дојде летото. Дојде и новата реформаторска и демократска влада, но проблемите останаа од претходната стара влада. Овие денови како граѓани се изнаслушавме сè и сешто што правеле претходните од злоупотреба на народни пари, па сè до изгубениот државен џип на МТСП кој две години стоел на ливада и ‘рѓосувал, но бил и недомаќински користен од неговиот корисник.

Но, ајде пак да се повикаме на работничките права. Дали ќе има вистинска борба за унапредување на правата на работниците или пак ќе тапкаат во место. Лично, како граѓанин, но и како граѓански активист се надевам дека и покрај зголемувањето на минималната плата, потребно е да се направи нов Закон за работни односи, кој еднаш засекогаш ќе биде во корист на работниците отколку на работодавачите.

Преку 50 илјади работници во текстилната, чевларската и кожарската индустрија, градежништвото и земјоделскиот сектор сè уште не се заштитени од страна на работодавачите и газдите на плантажи. Во овие дејности не се исполнуваат условите за работа во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа, каде работодавачот мора да обезбеди услови за безбедност на животот и здравјето на работниците во согласност со посебните прописи за здравје и безбедност при работа и да ги преземе неопходните мерки со кои се гарантира дека на секој работник му е дадена доволна обука соодветна на посебните карактеристики на работата, водејќи сметка за неговата стручна подготовка и искуство. Работникот може да одбие вршење на некоја работа ако таа е штетна по неговиот живот и здравје, како и здравјето и животот на другите.

Работници, доколку сметате дека некое ваше законско загарантирано право е прекршено, тогаш можете да се обратите до Државниот инспекторат за труд (усно или писмено, анонимно или како познат подносител), а доколку не сте задоволни од утврдената фактичка состојба од страна на ДИТ, тогаш можете да поднесете тужба против работодавачот пред надлежните судови или да побарате помош од синдикатите.

Но, синдикатите на чело со нивните претседатели многу убаво изгледаат кога се сликаат со министри за пред јавност, но никаде ги нема кога се прекршуваат работничките права. Дел од синдикатите се влезени во судски спорови за место претседател на најголемиот репрезентативен синдикат во Македонија, додека други прават „летни туристички активности со кајчина на езерата“ кои немаат никаков резултат зад нив, а најмалку да говорат за работнички права. Работниците од секогаш биле манипулирани од страна на „лидерите“ на синдикалните организации или пак од гранковите синдикати каде што членуваат.

Моментално, во Македонија е потребно што побрзо да профункционира Економско-социјалниот совет при Министерството за труд и социјална политика, но исто така треба да се направи ревидирање на сите можни злоупотреби на впишувањето или бришењето на синдикатите во синдикалниот регистар, од страна на МТСП да не се дозволи потпишување на Колективниот договор во приватниот сектор поради разрешувањето на судската разврска во Сојузот на синдикати (ССМ) и да се утврди улогата на работата на Комисијата за репрезентативност.

Улогата на граѓанскиот сектор е многу значајна за работниците во целина, но и за унапредување на механизмот за заштита на правата на работниците во општеството. Пристапот за правда е потребен за сите граѓани, но исто така е потребен и Законот за бесплатна правна помош каде активно ќе се вклучат сите актери за поддршка на ранливите категории. Здруженијата кои нудат правна помош мора да бидат поддржани од институциите на системот, како и од други субјекти со цел обезбедување на повеќе средства за унапредување на системот за бесплатна правна помош во Македонија.

Здружението Достоинствен Работник ,преку институционална поддршка од Фондација Отворено Општество ,има за цел да им даде можност и едукација на работниците од текстилната индустрија и земјоделскиот сектор за нивно јакнење и поврзување со клучните чинители преку вршење на јавен притисок врз носителите на одлуки во локалната заедница.

Но, повеќе да не дозволиме кршење на работничките права кое стана наше секојдневие. Затоа, почитувани работници, информираностa за законски утврдени права е моќна алатка во вашите раце.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG