Достапни линкови

Спонзорствата главен фактор за успешни спортски клубови


Архивска фотографија - Фудбалерите на Тетекс го освоија Купот на Македонија откако ја победија Шкендија.
Архивска фотографија - Фудбалерите на Тетекс го освоија Купот на Македонија откако ја победија Шкендија.

Без пари од спонзори фудбалскиот клуб Тетекс може да згасне. Една сезона фудбалерите и иницијативниот одбор го водеа клубот без средства, но тешко дека ќе може да продолжат така.

Од 2011 година спортските клубови за да се професионализираат и унапредат состојбите, требаше да се регистрираат како акционерски друштва, но примерот на фудбалскиот второлигаш Тетекс од Тетово покажува дека спонзорствата од компании и понатаму се главен фактор за тоа како ќе функционира еден спортски тим.

Минатата година сопствениците на акциите на Тетекс, инаку од Скопје, немајќи спонзор сакаа да се откажат од натпреварување, но иницијативен одбор го презеде клубот. Членовите на управа и младинските фудбалери волонтерски работеа во текот на целата сезона, вели Дарко Обадиќ од одборот.

„Минатото лето, група ентузијасти одлучија да не стојат отстрана гледајќи како клубот тоне во амбис. Имаше нула играчи, нула членови на стручен штаб и нула членови на управа. Со големи напори, нежалејќи време, сили и средства, без денар надомест, овозможивме да се постават основните контури на клубот и секако враќање на клубот во Тетово“, истакна Обадиќ.

Фудбалерите во иднина нема да можат веќе да играат само на добра волја, па затоа во прашање се доведува постоењето на клубот, алармира досегашниот капитенот Марјан Билбиловски.

„После ваква тешка сезона, без финансии, успеавме да го спасиме клубот, но без финансиски средства не верувам дека ќе се повтори ваква сезона“, рече капитенот.

Стевен Алампиоски од одборот, вели дека сопствениците на акциите, иако ги даваат бесплатно, но пресудна е силна финансиска поддршка од компании помагатели.

„Кој било да дојде ќе ги земе акциите со вредност нула. Ќе мора да го плати само данокот што и следува на државата и да ги преземе акциите без никаков надомест. Тоа е погодност за секој што сака да влезе во клубот, што мисли да учествува во финансирање на клубот“, објаснува Алампиоски.

Измените во Законот за спорт се добра прилика и за Тетекс и за другите клубови, кои се соочуваат со недостиг на средства, вели Мирче Блажевски.

„Фирмата е ослободена педесет отсто од данокот за добивка, ако има договор со фудбалски клуб. Поконкретно, ако има за плаќање 100 илјади евра, 50 илјади евра може со договор да ги префрли на фудбалски клуб. Според Законот за спорт, кој важи од 1.1.2017 година, 40 отсто од данокот за добивка за кошаркарски клуб, 30 отсто за ракометен клуб, атлетика и други спортови сè е распоредено“, објаснува тетовскиот сметководител.

Текстилната фабрика Тетекс која во 1953 година го има оформено клубот веќе неколку години не учествува во раководењето и спонзорирањето на екипата. Оваа сезона Тетекс во последните неколку кола успеа да се избори за опстанок во Втората Лига.

XS
SM
MD
LG