Достапни линкови

Руиниран Музејот на НОБ во Крушево


Музејот на НОБ во Крушево.

Затворени врати, влага, ѕидови кои се распаѓаат, околина со отпадоци, ваква е сликата на Музејот на НОБ во Крушево. Се чекаат пари за подобрување на состојбите од Министерствто за култура, но тие пари се само за постановките, не и за реновирање на зградата.

Музејот на НОБ во Крушево е оставен на забот на времето. Кога било и да имате намера да го посетите, ќе наидете на затворени врати, а се наоѓа на Гумење, на неколку десетици метри подалеку од спомен куќата „Тоше Проески“. Сликата е непријатна за посетителите, околината е загадена со отпадоци, ѕидовите се со влага, на места се распаѓаат.

Од Историски музеј велат дека е добиен проект од Министерството за култура за реконципирање на музејската поставка во вредност од околу 700.000 денари.

„Проектот за Музејот на НОБ е изработен од Историски музеј-Крушево. Опфаќа рекомпонирање на музејската поставка, нејзино осовременување и ревитализација на некои делови, што треба да се заменат со посовремени стандарди. Склучен е договор со Министерство за култура, побарани се средствата, но очекуваме со овој план сега што ќе биде, ние и со договорот можеме да распишеме тендер според законот за јавни набавки и таа варијанта ја имаме предвид, побарани се средствата, но не се добиени. Сите средства освен издавачка и инвестиции, другите средства од музејска дејност воопшто не се пристигнати на републичко ниво“, вели директорот Зоран Богести.

​Тендерот за проектот дополнително ќе биде распишан. Но, ниту тој не го решава целосно проблемот со одржување на овој музеј, зашто се однесува само на недвижното културно-историско наследство, не и на реновирање на фасадата или други градежни зафати. Вакви зафати не предвидени.

Крушевчани што ги сретнавме во неделна прошетка во непосредна близина, велат дека не се сеќаваат од кога објектот бил отворен за посети.

Од Историски музеј-Крушево велат дека објектот се отвора и музејската поставка може да се посети, но само со претходна најава.

„Половина објекти работат по потреба, немаме луѓе да ги опслужат, тие што ги имаме се тие. Континуирано се отворени: споменикот ‘Македониум’, Галеријата Мартиновски и Музејот на Илинденското востание. Останатите три “Галерија на икони’, “Музеј на НОБ’ и музеј ‘Леарница’ се отвораат со најава. Можеме од среда до петок да ги опслужуваме сите објекти, а во другите денови од неделата, мора да има најава за посети. ‘Музејот на НОБ’ и ‘Галерија на икони’ се од втора категорија, меѓутоа барем по едно лице треба да има, а ‘Леарницата’ би требало да работи со две лица“, објаснува директорот Богески.

Што се однесува до другите музеи во Крушево, oд Историски музеј, информираат дека до крајот на годинава треба да заврши реконструкцијата на ‘Македонумот’.Во завршна фаза е интервенцијата на поставката во ‘Леарницата’.Во Музејот на Илинденското востание исто така привршуваат подготовките за поставување трајна музејска поставка, набавен е мебел, опрема, целиот потребен материјал. Се чекаат средства и за рекомпонирање на поставката во Галеријата на икони.

И во вакви услови, без доволно средства, кадар и исполнети стандарди согласно со законите, крушевските музеи годишно ги посетуваат од 5000 до 7000 домашни и странски туристи.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG