Достапни линкови

Името, НАТО и Мерцедесот


Шефот на грчката грчката дипломатија Никос Коѕијас

Изјавата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас дека прво треба да се најде компромис за спорот за името, а потоа земјава да биде примена во НАТО, е една од најкоментираните теми од нашите читатели.

Индиректната најава на шефот на грчката дипломатија Коѕијас во Кожани, а на само три дена пред средбата со новиот шеф на македонската дипломатија, Димитров, дека неговата земја не отстапува од ставот „прво компромис за името, а потоа влез во НАТО и ЕУ“ предизвикала најмногу ваши реакции, почитувани, на нашата Фејсбук страница, но ние можеме да пренесеме само мал избор од нив. Велимир Варга напишал: „Прво вие сменете го името па после ние, еве, фер сме и ви даваме предност“. Стојан Ристовски потсетува дека е 21 век, а еве, вели, „како лулката на демократијата плива на границите на расизмот и ја злоупотребува довербата на Европа.“ Саша Величков со негативен поглед на нашево радио: „Радио Слободна Европа го мери пулсот на народот, уште шеќерот и крвната слика и ќе му ги достави на новиот премиер“. Покрај ваквите емотивни коментари на нашите фанови има и обмислени ставови: „Овој став на Грција е, доколку може да извлече нешто од Европа за, условно речено, нивната дозвола за влез на Македонија во НАТО под привременото име, но не грижете се, и ЕУ има со што да ја притисне Грција, убеден сум во тоа, скоро ќе биде“ – напишал Зоран Димоски.

И неделното интервју на РСЕ со холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп, го предизвикало вниманието на нашите фанови на Фејсбук. Во врска со неговото кажување дека Македонија и Грција се тие што треба да најдат решение за спорот со името, Ване Роглев мисли: „Очигледно нè местат сами директно со Грција да преговараме. Очигледно нè спремаат за промена на името“, смета Роглев. А Лилика Алекс кратко постирала: „Штом Грција се смени во Елада, потоа ќе видиме“.

Покажувањето на мерцедесот набавен за поранешниот премиер Груевски, со народни пари во времето кога министерка на МВР беше Гордана Јанкулоска се коментира, главно, со постови кои го покажуваат краткото паметење и чиј заеднички именител би можело да се сведе на тоа дека возилото било набавено за странски гости, а дека новата Влада требала да се зафати со работа, а не со „неважни работи“ – како што напишал Горан Мрки Стрезовски. Ристе Карапашовски му одговара: „Па гледаш дека почнаа со исполнување! Сега на ред е апсењето на Груевски, Мијалков и другите хохштаплери од ДРПМНЕ, па дури потоа во евроинтеграциите“. За Ацо Танески сето ова било „демагогија и замајување“. А Звонко Николовски се шегува: „Ако им пречи мечето, еве јас ќе го земам, па нека зборат колку сакаат“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG