Достапни линкови

Коалицијата на Харадинај победник, но нема мнозинство за влада


Косово избори. 20117

Врз основа на обработени 84 отсто од гласовите, Централната изборна комисија на Косово соопшти дека води коалицијата чиј кандидат за премиер е Рамуш Харадинај.

Избирачките места на Косово каде вчера се одржаа вонредни парламентарни избори затворени се синоќа во 19 часот, а гласањето според оценките на Централната изборна комисија поминало без инциденти.

Врз основа на обработени 84 отсто од гласовите, Централната изборна комисија на Косово соопшти дека води коалицијата меѓу Демократската партија, Алијансата за иднина на Косово и Иницијативата за Косово со освоени 35 проценти. Кандидат за премиер на оваа коалиција е Рамуш Харадинај.

Најголемо изненадување е движењето Самоопределување, кое е на второ место со околу 26 отсто гласови, што е двојно повеќе од минатите избори во 2014 година. Коалицијата на досегашниот премиер Иса Мустафа освоила 25,6 проценти.

Врз основа на резултатите, меѓутоа, коалицијата на Харадинај нема да може да формира влада без поддршка од 20 пратеници од редовите на малцинските заедници. За изгласување влада се потребни 61 глас, а оваа коалиција најверојатно ќе има меѓу 40 и 42 пратеници.

Претходно претседателката на ЦИК Ваљдета Дака ги повика граѓаните да гласаат а од политичките партии побара да не ги злоупотребуваат позициите.

Американскиот амбасадор Грег Делави, по посетата на гласачки места во Приштина изјави дека Косово може да му покаже на Балканот како треба да се заокружи еден изборен процес.

„Косово нека биде пример за добри избори,без инциденти и добро набљудувани“, посочи Делави.

Според амбасадорот четири екипи на амерканската амбасада го следат изборниот тек на целата терторија на Косово.

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, остварувајќи го своето право на глас апелираше до граѓаните без разлика на партиската определба да излезат на гласање и да гласаат за иднината.

„Денешните избори се од исклучително големо значење за Косово. Без разлика на партиската припадност излезете и гласајте за вашата иднина, за иднината на вашите деца, државата и за евроатланската иднина“, порача Тачи.

Лидерот на Алјансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кој е номиниран за иден премиер од коалицијата на неговата со Демократската партија и Иницијативата за Косово, ги повика граѓаните да излезат да гласаат и да одлучат за нивната судбина.

„Упатувам апел до граѓаните да излезат и да гласаат, гласот има значење и денешната одлука има своја тежина“, изјави Харадинај.

Гласаше и Абдулах Хоти, кандидат за премиер на коалицијата Демократски сојуз на Иса мустафа и Алијансата за Ново Косово, на Беџет Пацоли.

„Ја реализирав мојата граѓанска обврска, ги повкувам граѓаните да гласаат“, рече Хоти,кој искажа пофални зборови за ангажираноста на избирачките одбори,набљудувачите и полицијата.

Право на глас имаа 1,8 милиони избирачи, од кои над 155 илјади гласаа за прв пат.

Со гласањето треба да се стави крај на неколкумесечната политичка нестабилност и да се избере влада која ќе го потпомогне растот на работните места и ќе го зацврстува патот на земјата кон европската интеграција.

Овие избори беа трето гласање откако Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и се спроведува една година порано од планираното, откако владата на премиерот Иса Мустафа изгуби на гласањето за доверба во Парламентот.

Многумина жители на Косово ги обвинуваат политичарите за високата стапка на невработеност, која е околу една третина од работната сила и покрај цврстиот економски раст од околу четири отсто на годишно ниво. Други клучни приоритети на новата влада се воспоставување подобра контрола над приватизација и создавање на функционален суд за воени злосторства и обвинителство.

Сепак, најважните прашања околу гласањето се договорите потпишани во 2015 година: едно е поставување на границата со Црна Гора, а друго со Србија, за зголемување на овластувањата на етничките Срби во Косово.

Кандидати номинираа сите 19 политички партии, пет коалиции и две граѓански иницијативи. Албанските партии излегоа во три политички блока - Демократската партија на Албанците, Алијансата за иднината на Косово и Иницијативата за Косво на лидерите Кадрија Вејсели, Рамуш Харадинај и Фатмир Љума. Во трка беше и коалицијата на Демократскиот сојуз на досегашниот премиер Иса Мустафа, Алијансата на ново Косово на Беџет Пацоли и Алтернативата на градоначалничката на Ѓаковица Мимоза Кусари Лија.

Централната изборна комисија овозможи да се гласа на 889 избирачки центри, а целиот процес го надгледуваа домашни и странски набљудувачи чиј број изнесува речиси 30 илјади.

Коалицијата на невладини организации Демократија на дело, која ги следеше изборите, ги повика политичките субјекти да не вршат притисок врз избирачите.

Полицијата на Косово подготви посебен оперативен план во склоп на кој беа ангажирани голем број полицајци на целата територија на Косово, вклучително и во северниот дел на земјата.

Косовското обвинителство на денот на изборите ангажираше 100 обвинители кои беа на располагање во сите 38 косовски општини во случај на потреба.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG