Достапни линкови

Невладините средуваат паркови во Тетово


Изработка на деловите од трибината
Изработка на деловите од трибината

Во паркот во Ајдучко Маало во Тетово ќе се прави дрвена трибина со што во паркот ќе има можност да се одржуваат уште повеќе настани.

Малиот број јавни места и паркови каде тетовци можат да поминат дел од своето слободно време е поводот учесниците во кампањата „Мрдни со прст“, преку соодветна интервенција во паркот во Ајдучко Маало да го направат подостапен за активности на граѓаните. Ќе се прави дрвена трибина со што во паркот ќе има можност да се одржуваат уште повеќе видови настани.

„Целта ни е да додадеме дополнителна вредност за корисниците на паркот. Дополнително сакаме да дадеме вредност, една мала дрвена трибина којашто се состои од модуларни елементи каде што луѓето ќе можат да се социјализираат да организираат различни настани, театарски претстави, поетско читање и така натака. На тој начин што ќе имаат нешто ново во паркот и ќе се развие желбата истото да го чуваат и да се грижат за него“, вели Маја Лозановска, проектен координатор во кампањата Мрдни со прст.

Градењето објекти на местата каде има зеленила е проблем со кој тетовци се соочуваат со години наназад. Поради тоа драстично се намалени можностите да се помине дел од денот во парк или на отворен простор. Освен тоа, на ретките такви места како паркот во Ајдучко Маало фрлените отпадоци односно ниската еколошка свест е уште еден проблем кој го отежнува користењето на ваквите јавни површини.

„Градот е еден од позагадените, погусто населени градови, каде што овој парк е од круцијално значење за жителите бидејќи е една од ретките зелени површини. Ние и претходно сме имале активности во овој парк каде активно учество земаат сите локални жители од околината на паркот“, вели Лозановска.

Поттикнувањето на јавната свест, односно да се има грижа за паркот од страна на кампањата е крајната цел во насока на одржување на чистотата на оваа зелена површина. Кампањата и во иднина ќе поддржува слични идеи за подобрување на животната средина и општествените прилики.

„Оваа иницијатива е дел од кампањата „Мрдни со прст“, која има за цел да се подигне јавната свест за различните можности и културните промени, со поединците и колективното заедно да може да го работат во рамки на заедницата заедно да делуваат и допринесат со свои идеи и можности кон специфични активности за заедницата. Нашата цел е преку различни активности, што ги организираме јавни настани, инсталации, интервенција во овој случај да влијаеме на состојбата каде што млади луѓе, сами потегнуваат иницијатива да решаваат проблеми во општеството преку култура, уметност“, потенцира Лозановска.

XS
SM
MD
LG