Достапни линкови

Откриено младо од рис – Еколозите имаат нови знаења за заштита на овој редок вид


Младенче од рис: Фотографија на Македонско еколошко друштво

За првпат после 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво доби информации дека има младо од рис. Ова ќе донесе нови информации кои можат да помогнат за заштитата на рисот.

Истражувачите од Македонското еколошко друштво, после повеќе од една деценија набљудување на балканскиот рис, се на прав пат да ги добијат најважните информации за тоа како опстојува ова животно на планините со цел да се исполни нивната замисла да се запре исчезнувањето на тој редок вид. Ова е возможно, откако покрај мажјаците кои досега беа следени, годинава беа најдени женка и нејзин пород.

„За првпат после 11 години истражување на балканскиот рис тимот на Македонско еколошко друштво да добие информации дека има младо од рис. Оваа информација доаѓа откако во февруари имаше прв пат фатено женка за научни цели на кој што и беше поставен ГПС околувратник. Се надевавме дека од неа ќе добиеме нови информации и добивме нови информаци тоа е дека во нејзиното дувло имаме здраво младо рисче“, вели Ксенија Путилин од друштвото.

Младото ја комплетира листата на примероци на рисот. Сега сите податоци од мажјаците, женката и нејзиниот пород стануваат силна емпириска основа која ќе помогне на еколозите во иднина да знаат како да постапуваат со цел да не се дозволи исчезнување на рисот. Во друштвото сега се знае каков е начинот на природна репродукција, како се движат и која територија ја опфаќаат, исхраната и слично кај рисовите низ планините.

„Тоа што сега имаме податоци за прво младо од рис, ќе се обидеме да го следиме заедно со неговата мајка, значи дека најверојатно ќе добиеме нови информации кои досега сме ги немале. Ова е алката којашто недостигаше во податоците за да се разбере животот на младите рисови во Македонија. Се надеваме дека ова ќе помогне во нивното понатамошно зачувување“, истакна Ксенија Путилин.

Рисот како загрозено животно веќе го нема на планините во источниот дел од Македонија, додека сите обиди за набљудување и се прават во западните планини

„Балканскиот рис е особено загрозен. Односно на листата е ставен како критично загрозен вид. Најзначајни закани за неговиот опстанок остануваат криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментацијата на неговите живеалишта“, вели таа.

Рисовите се следеа со помош на ГПС околувратник. Освен следењето на терен, преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис, еколозите се обидуваат да убедат институциите да се прогласат нови заштитени подрачја како и намалување на главните заканите по животот на рисот.

XS
SM
MD
LG