Достапни линкови

Коалицијата на СДСМ со 17 министри во новата влада


Архивска фотографија - претседателот на СДСМ Зоран Заев на партски конгрес, Скопје, 27.05.2017
Архивска фотографија - претседателот на СДСМ Зоран Заев на партски конгрес, Скопје, 27.05.2017

Мандатарот Зоран Заев предложи 17 имиња за идни министри. Најави дека ако стигнат, веднаш ќе ја поднесат предлог програмата и составот до Собранието. Претходно ДУИ ги објави своите седум предлози, а се чека и на двата од Алијансата за Албанците. Беса одлучи да не биде дел од Владата.

Седумнаесет имиња за министри предложи вечерва мандатарот Зоран Заев од редовите на СДСМ и коалиција, но меѓу кои има и непартиски имиња. На прес-конференцијата по Централниот одбор на партијата Заев соопшти дека ги предлагаат следниве имиња:

Министер за одбрана Радмила Шеќеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров, за труд и социјална политика Мила Царовска, за финансии Драган Тевдовски, за образование и наука Рената Десковска, за земјоделство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Горан Сугаревски, за култура Роберт Алаѓозовски, за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски. За министри без ресори тој ги предложи Кочо Анѓушев, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Андан Ќахил, Зорица Апостоловска, Самка Ибраимовски и Зоран Шапуриќ.

„Намерата е вечерва, доколку стигнеме со комплетирање протоколарни и правно формални аспекти, до архивите на Собранието на Република Македонија јас како мандатор да доставам програма за работа на новата влада и владин кабинет“, рече Заев.

Тој најави дека ќе прати писмо со барање до Специјалното јавно обвинителство за одговор дали за него или за кој било член од неговиот кабинет се води кривична постапка. Ако во иднина се покаже, не само во СЈО, туку и во идното Јавно обвинителство ослободено од партиските стеги, дека ќе се води кривчна постапка за кој било член на владата, тој повеќе нема да биде во кабинетот, додаде мандатарот.

Претходно ДУИ излезе со предлог министри од нивната партија. Доцна вчера тие ги предложија Хазби Лика за вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Билен Салиу да води со ресорот правда, Садула Дураку за министер за екологија, Куштрим Бектеши за местото министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор.

Од Беса денеска на нивните партиски тела одлучија да не учествуваат во новата влада оти мандатарот не ги прифатил нивните принципи, меѓу кои спорен се сметаше редефинирање на државата. Нивниот претседател Биљал Касами на прашањето дали ќе гласаат за новата влада, одговори: „како што тргнале со вакви предлози од ДУИ, не знам какви ќе бидат другите, тешко“.

Но, тој додаде дека остануваат конструктивна опозиција и ќе ја поддржат секоја иницијатива што ќе биде во полза на Албанците и државата, а во насока на имплементација на потребните реформи.

И Заев вечерва побара поширока поддршка.

„Не само Беса, јас сакам да ја повикам и ДПА да даде поддршка не само за владата, туку и за реформите, сакам да ја повикам ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција да дадат поддршка на реформите, за сето она што е важно за граѓаните да бидат на страната на граѓаните“, рече Заев.

За третиот владин коалиционен партнер, Алијансата за Албанците, остануваат министерствата за здравство и за локална самоуправа. Се уште се чека нивната одлука за конкретните кадри. Заедно оваа владина коалиција ќе има поддршка од 62 пратеници во парламентот.

Според деловникот, претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја закаже седница најдоцна 15 дена откако ќе го прими предлогот програма и составот на новата влада, но според најавите тој нема да чека. Потоа дебатата трае два дена и до полноќ се гласа за владата во целост.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG