Достапни линкови

Трамп - Немам инвестиции во Русија


Трамп: немам ништо со Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Трамп: немам ништо со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека немал инвестиции во Русија и оти тоа го докажал во документите што му биле побарани од федералните агенции. Тој додаде дека сакал да го отпушти директорот на ФБИ Џејмс Коми и пред препораките за тоа од Министерството за правда.

Во интервју за американската телевизиска мрежа Ен Би Си, претседателот Трамп прецизира дека во Федералното истражно биро имало превирања и оти затоа сакал да го смени Коми.

„Јас го отпуштив Коми. Тоа е моја одлука. Ќе го отпуштев без оглед на препораката“, рече тој.

Ова беше прво интервју на претседателот Трамп откако тој соопшти дека го отпушта директорот на ФБИ поради грешки во истрагата за приватните мејлови на поранешниот државен секретар Хилари Клинтон.

Коми ја водеше истрагата за можното руско мешање во американските претседателски избори лани и можните врски на изборниот штаб на Трамп со Москва.

Трамп во интервјуто исто така изјави дека немал никакви инвестиции во Русија.

„Многу луѓе мислеа дека поседувам станбени згради во Москва, но јас немам никаков имот во Русија“, рече тој, додавајќи дека тоа се гледа и во документите за неговата имотна состојба.

Во меѓувреме, човекот кој го презеде раководењето во ФБИ откако Коми беше отпуштен, Ендрју Мекејб, во Сенатот ги негираше наводите на Белата куќа дека истрагата за руското мешање во изборите немала приоритет.

Тој, наведувајќи дека немало досега обиди за спречување на истрагата, додаде дека нема да ја известува Белата куќа за нејзиното натамошно напредување.

Според некои наводи, неколку денови пред сменувањето, Коми барал повеќе пари за оваа истрага што ги зголеми страхувањата дека Трамп се обидел да ја поткопа истрагата која би можело да му ја загрози неговата позиција.

Мекејб ги отфрли наводите од Белата куќа дека вработените во ФБИ изгубиле доверба во Коми.

„Можам да ви кажам, исто така, дека директорот Коми ужива широка поддршка во рамките на ФБИ и оти се уште ја има до денес“, рече тој.

Доналд Трамп е прв претседател по Ричард Никсон кој сменил функционер надлежен за истрага во врска со Белата куќа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG