Достапни линкови

Во пораст алергиите на сонце и на убоди од инсекти


Дерматологот доктор Виолета Кузмановска од Кожниот оддел при Општата болница во Куманово.

Зголемен е бројот на пациентите со алергии од сонце, од каснувања од инсекти, од цветањето на дрвјата и тревите, за разлика од порано, вели доктор Виолета Кузмановска од Кожниот оддел при Општата болница во Куманово.

Пролетните денови и зголемување на јачината на сончевата топлина, цутење на дрвјата и тревите и раздвижување на инсектите и убодите од нив, се најчестата причина за појава на алергиски заболувања кои се манифестираат преку кожата. Од изложеноста на сончевите зраци настануваат осипи по кожата, а убодите од инсектите последните години сè повеќе се присутни и предизвикуваат осипи, чешање, дури и компликации во нарушување на здравјето на луѓето, вели дерматологот доктор Виолета Кузмановска од Кожниот оддел при Општата болница во Куманово.

Во оваа амбуланта се уште немало пациенти нападнати од крлежи, иако во доцната пролет и летото нивната појава не отсуствува.

„Меѓутоа доаѓаат каснати од таканречените ситни инсекти кои сега се раздвижени, како што се пајаците, мравките, болвите и мувите кои сега се веќе активирани. Реакцијата е зависно од конституцијата на кожата. Детската кожа побурно реагира на тие каснатини во вид на оток, црвенило, болка, печење, чешање, затоа е неминовно да се побара дерматолошки третман“, вели доктор Кузмановска.

Што се однесува до влијанието на сонцето доктор Кузмановска посочува дека ултравиолетовите А и Б зраци се штетни за кожата, зависно од кој тип е од постоечките шест според реакциите на сонцето. За изложување на сонцето дури и 30 минути неопходно е користење на заштитни препарати со кои ќе се покрива кожата.

„Прво и основно е да не се изложува кожата на директно сонце повеќе од 30 минути, заштитниот препарат да биде со 30 до 50 фактор, а потоа и да се користат чадори, сенки од дрвја. Реакциите се различни, од оние ситни опекотини, какви што сите барем еднаш во животот сме ги добиле одејќи покрај вода. Меѓутоа има побурни реакции, тоа се алергии со уртикарии, при што се бара и ампуларна терапија освен локална, а има и такви реакции кои се многу чести, а на кои луѓето не обрнуваат внимание, тоа се контакти со трева или цвеќе, кои содржат фурокумарини и во комбинација со сончевите зраци ќе направат такви промени или промени на боја во форма на тие листови. Тие се подолготрајни со што и бараат подолго време на лекување.“

Затоа доктор Кузмановска препорачува дури и во овој период да се започне со заштитни препарати, со носење светла облека, капи или шешири, очила за заштита на ретината од сончевата светлина. Исто така потребно е и користење на витамини, особено витаминот „Ц“ за подобро подготвување од влијанието на сончевата светлина.

„Зголемен е бројот на пациентите со алергии од сонце, од каснувања од инсекти, од цветањето на дрвјата и тревите, за разлика од порано.“

Пчеларот Небојша Кипријановски од Куманово вели дека низа години се занимава со пчеларство, имало многу луѓе се здобивале убоди од пчели, но не и такви алергии како што тоа последните години се случува.

„Во овој период кога е интензивен развој на пчелата моето двегодишно дете го касна пчела на главата, а му се појави оток на жлезда во близина на увото. За тоа беше неопходен третман со антибиотици“, вели пчеларот Кипријановски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG