Достапни линкови

До нас е, да ги оставиме политичарите настрана


Виктор Петковски, претседател на подмладокот на Либерална партија.

Материјализмот навлезе како основна вредност меѓу сите генерации, и тоа си повлекува однесување на соодветен начин, кое по својата природа е секогаш деструктивно. Тоа однесување и тие вредности ќе бидат проблем без разлика на структурата на политичари кои ќе го преземат водењето на државата, пишува Виктор Петковски, претседател на подмладокот на Либерална партија, во младинската онлајн колумна на РСЕ.

Пишувајќи...

Пишувај. Е ајде де, напиши нешто. Пишувај за стандардот, пишувај за иднината, пишувај како нешто планираш.

Не, не можеш да пишуваш за ништо од тоа затоа што немаш стандард, немаш план, за иднина можеби се уште може да разговараме, иако за многу луѓе и таа тема е затворена. Ако сакаш да одиш на сигурно, ќе напишеш против политиката, политичарите. И тука најмногу ќе згрешиш.

Политичарот ти вели, земи си ти уште еден - двајца, вака што ти се при срце, за нив ќе ти дадам, за возврат ќе ми помогнеш да закопаме илјадници. Сакаш, не сакаш?

Тука потфрливме генетски. Генот патриотски, генот државнички, не се фатил. Се фатил генот за материјализам, неморал . Генот за самоуништување. Како што можевме и сами пред некој ден да видиме. Значи сепак до нас е, секој поединечно. Да ги оставиме малку политичарите настрана.

Имаме ситуација во која вредностите ни се пореметија за 180 степени. Ние може да се собереме и да разговараме како некое куче било убиено, да жалиме и да протестираме, ама може да гледаме луѓе како гинат, при тоа не мислам само на овие од Собрание. Имаме луѓе секој ден молат за донации, имале несреќа да се разболат во државава, па неможејќи никому да се обратат, бараат солидарност од луѓе кои попрво би помогнале на куче отколку на човек (доколку човекот првенствено се разликува партиски, теорија нема за солидарност).

Мислам материјализмот навлезе како основна вредност меѓу сите генерации, и тоа си повлекува однесување на соодветен начин, кое по својата природа е секогаш деструктивно. Тоа однесување и тие вредности ќе бидат проблем без разлика на структурата на политичари кои ќе го преземат водењето на државата.

Затоа што нема болести, нема државни удари, нема неморал на оние места каде што има здрави луѓе. Тука луѓево изгубија секаква смисла на совест или некој вид на граѓанска мисла, освен во оние моменти кога тоа нив ќе ги допре, кога ќе им влезе во домот. Комплетна анестезија.

На луѓево мислам дури и биолошкиот состав внатре почна да им се менува, само да слушнат за пари. И резултатот е таков како што е. Како најбрз начин на излегување од таквата ситуација е секој да направи своја „лична карта” и да види колку всушност самиот себе си се поседува. Колку она што е во него и околу него е негово. Или е тоа само рефлексија на длабокиот материјализам кој има негативна вредност. Доколку оцени дека не е свој, дека не може да делува по свое убедување и по своја желба, веднаш да проба да се поврати целосно, не само во делови. Во спротивно нека робува вечно. Формулата за успех по мене: Секој да се грижи за своето здравје, ментално и физичко, политиката ќе се надоврзе.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG