Достапни линкови

Ги чекаат платите од Југохром, од земјоделството немаат егзистенција


Печките во фабриката Југохром Јегуновце
Печките во фабриката Југохром Јегуновце

Голем ден од поранешните работници во Југохром ги користат нивите за производство на храна за себе, но речиси никој не се преориентирал професионално кон земјоделство.

Работниците на Југохром кои се соочуваат со честите принудни одмори, а сега и со отказни решенија поради актуелната состојба на фабриката, иако доаѓаат претежно од рурални средини, не се одлучуваат егзистенцијата да ја бараат преку земјоделството и сточарството. Голем дел од нив ги користат нивите за да обезбедат храна за домаќинството, но речиси никој не се преориентирал кон земјоделието како начин на постојана заработка. Се смета дека нема исплатливост. Повеќе треба да се вложи отколку што може да се заработи, објаснува Борче Ристовски еден од работниците на Југохром.

„Тешко, тешко тоа. Повеќе има давачки, отколку што има приход. Треба ѓубрива. Ако не му фрлиш ѓубре ќе нема ништо. Пченка, пченица, компири, со тие се работи. Девет денари пченката ја откупуваат. Житото исто, каде ќе има сметка. Тоа за тоа оди, малку нешто ако им останува.Некои чуваат крави“, вели Ристовски.

Од синдикатот велат дека ретки се тие работници кои нашле друга работа или пак се одлучиле да обезбедуваат егзистенција во друга област. Сите се надеваат дека повторно ќе се вратат во фабричките хали, вели Бајрам Амити од синдикатот.

„Повеќе се врзани за фабриката и сите очекуваат да стартува повторно. Нормално си бараат начин, нормално бараат вработување по други места, негде и тоа е голем проблем. Некои можеби се вработиле, нашле нешто, некој излез. Меѓутоа тие се ретки луѓе. Тој што има можност негде, што има услови, има земја, има механизација, имал нешто, ако да речеме работел со родителите, па му биле додатни извори финансиски, меѓутоа сите што сме во Југохром, сите зависиме од тој Југохром“, рече Амити.

Генералниот директор Васко Скендеровски смета дека може да се вратат на работа сите вработени сега кога почнале интензивно да го градат системот за отпрашување согласно еколошките стандарди што беше нивна обврска поради чие неисполнување институциите забранија Југохром да произведува.

„Ставот на Министерството за животна средина беше секогаш дека без комплетно поставување на системот за отпрашување Југохром не може да продолжи да работи, а ние велевме дека ако Југохром не почне да работи со производство дека воопшто не можеме од економски причини да ја интензивираме работата за поставување на систем за отпрашување. Оваа наша позитивна волја укажува на фактот дека конечно треба да се најде некој компромис. Ако Југохром почне да работи, јас давам јавно ветување дека веќе првиот ден сите 600 работници коишто сега се отпуштени од Југохром, условно речено, ќе бидат вратени на работа“, вели Скендеровски.

Од први ноември 2016 Југохром не работи откако Државниот инспекторат за животна средина му го забрани производството поради немањето филтри според еколошките стандарди за А интегрирана дозвола. Работниците се водеа на принуден одмор заклучно со февруари и земаа надоместоци по што добија отказни решенија.

XS
SM
MD
LG