Достапни линкови

Туск бара решение за кризата базирано на демократија и разум


Средба на Претседателот на Ѓорге Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Скопје
Средба на Претседателот на Ѓорге Иванов со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во Скопје

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск за време на денешната посета на Скопје порача дека поради политичката криза Македонија заостанува на евроатлантскиот пат. Тој побара за кризата да се најде одржливо решение. Иванов го повтори истиот став и порача дека потребни се европски реформи, а не туѓи платформи.

Да се најде решение за политичката криза во Македонија, кое ќе биде засновано врз демократските принципи, пристојноста и здравиот разум, порача претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Скопје.

Тој истакна дека дошол во Македонија за да ја пренесе силната порака на ЕУ, која останува недвосмислено посветена на европската перспектива на земјата. Работењето кон членството во ЕУ и НАТО, како што рече Туск, се покажувало како фактор на единство. Единство кое, според него, денес е многу потребно во Македонија. Тој изрази надеж дека земјата ќе продолжи да го следи тој внатрешен компас и да се избегнува сè она што може да ги подгрее тензиите, меѓу другото и на етничка основа.

„Оваа продолжена криза ја задржува вашата земја на нејзиниот евроатлантски пат. На вас останува да најдете решение кое ќе биде засновано на демократски начела, пристојност и разум. Само такво решение може да биде одржливо. Кога ќе го пронајдете, можете да сметате на нашата поддршка“, рече Туск.

Туск бара решение за кризата, Иванов европски реформи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Во однос на мигрантската криза за која исто така станало збор на средбата, Туск рече дека ЕУ и понатаму ќе и пружа поддршка на Македонија и дека стратегијата за справување со неа сè уште функционира бидејќи западнобалканската рута е затворена.

Иванов уште еднаш порача дека неговиот став останува непроменет во однос на давањето на мандатот за состав на новата влада. Според него, треба најпрвин да се отстранат правната и политичката пречка, а целта на неговите услови е наредната влада да не биде оспорена.

„Уценета влада е нестабилна влада со краток рок на траење и штетни последици. Ќе потсетам дека ЕУ е гарант само на два договори - Охридскиот рамковен договор и договорот од 2015 година. Оттука императив на партиските лидери треба да биде спроведување на ургентните реформски приоритети. Прва точка на дневниот ред на партиите и на пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на постизборна платформа креирана во други држави“, посочи Иванов.

Тој побара ЕУ да го одблокира процесот за членство на Македонија и да ги отвори поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на правосудството и фундаменталните права и слободи. Иванов посочи и дека ЕУ треба да најде начин процесите на пристапување да не се злоупотребуваат за уцена при решавање на билатерланите прашања.

„Блокадата на евроинтегративниот процес на Република Македонија мора да прекине и тоа час поскоро“, порача тој.

Во однос на мигрантската криза Иванов рече дека Македонија била чувар на портите на ЕУ и ја повика Унијата да и помогне на земјата за таа да возврати на истиот начин.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG