Достапни линкови

Собраниски дијалог на „глуви“


Трајко Вељаноски претседава со конститутивната седница на деветиот собраниски состав
Трајко Вељаноски претседава со конститутивната седница на деветиот собраниски состав

ВМРО-ДПМНЕ го повторува својот став дека претседателот на треба да му го даде мандатот на СДСМ, додека не се откажат од тиранската платформа. Парламентарното мнозинство, пак, тврди дека е против федерализација и оти ВМРО-ДПМНЕ се плаши од СЈО.

Решавањето на политичката криза и натаму добива на интензитет зашто ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека претседателот не треба да го додели мандатот на новата Влада без претходно отфрлање на тиранската платформа, додека од новото парламентарно мнозинство велат дека проблем за коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не бил законот за јазици туку продолжување на мандатот на специјалното обвинителство. По низа реплики и контра реплики кои си ги разменуваaт политичките субјекти, дел од експертите реагираат дека се прави свесна опструкција на демократските процеси, а други се збунети дали на сцена е проблематизирање на прашања кои навистина се проблематични.

Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека од секоја од партиите во изминатиот период слушнавме најразлични толкувања околу тоа што е прифатено во преговорите за формирање на влада

„Па и едните и другите си тераат по свое и не се слушаат. Клучно е дека доколу се признае тврдењето на една од страните во врска со тоа што е прифатено во преговорите тоа значи сериозен удар по целокупната позиција на партијата во целата оваа политичка дебата што се случува во периодот. И оттука едноставно се игнорира аргументот на другите и се продолжува со сопствена комуникација“, изјави Трошановски.

Според него, ако СДСМ преговарале за повисоко ниво на двојазичност, тогаш тоа ќе биде голем проблем кај дел од македонскиот електорат. Тој дополнува дека ако ВМРО-ДПМНЕ исто така преговарале за поголемо ниво на двојазичност и не го прифатиле СЈО, како што велат од ДУИ, а како што тоа го игнорираат од ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нивните позиции дека се за унитарна Македонија паѓаат во вода.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири реакциите на ВМРО-ДПМНЕ околу тиранската платформа ги нарече обид за дефокусирање од темите суштински важни за граѓаните, а поврзани со СЈО. Во суштина сè се одвива според смислената стратегија на ВМРО-ДПМНЕ да се одложуваат процесите колку што е можно повеќе, вели Демири.

„ВМРО-ДПМНЕ не може да реагираат на тоа што го кажува ДУИ затоа што по сè изгледа тоа е вистината. Тиранската платформа е откритие на ВМРО-ДПМНЕ со кое тие сакаат да направат алиби дека Македонија станува двојазична и се федерализира. Од нормалните барања на Албанците кои тие ги прифатиле сега прават страшило. Тоа произлегува од кујната на ВМРО-ДПМНЕ за да го дефокусираат вниманието од СЈО кое треба да процесуира огромен криминал“, изјави Демири.

Инаку на конститутивната седница која никако да стигне до избор на нов претседател на парламентот, Џевад Адеми од ДУИ истакна дека СЈО се наметнало како главен проблем за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Во ист дух и Артан Груби од таа партија рече дека изјавата на албанските парламентарни партии произлегува од нивните програми и не е насочена против унитарноста на државата. ВМРО-ДПМНЕ, пак, бараат јавноста да го види текстот на законот за употреба на јазици што го утврдиле СДСМ и ДУИ, а потоа да се говори за избор на Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието.

Излезот од актуелната политичка ситуација, според Марко Трошановски ќе може да се согледа дури откако ќе се избере претседател на Собранието. Како што вели Трошановски, сè дотогаш сите сценарија се неизвесни.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG