Достапни линкови

Поделеноста е погубна политика на домашен терен


Од протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Скопје

Последиците од поделеноста во општеството можат да бидат опасни, а употребата на говор на омраза е само една од таквите последици, предупредуваат аналитичарите. Причините за неа ги гледаат во немањето вистински систем на вредности.

Македонските граѓани стануваат се понетолерантни кон различното мислење, а нивната поделеност и припадност кон една или друга група не води кон сплотеност и обединување, анализира стручната јавност. Кога ќе се изборите за слобода која толку многу ја посакувате и притоа напуштате еден систем на вредности, а не нудите нов, неизбежно е да се појави поделеноста во сите сегменти, вели универзитетскиот професор по етика, Дејан Донев во неделното интервју на радио Слободна Европа.

„Штом не знаете што со слободата, вие фактички напуштате еден систем со вредности , а со нов не доаѓате. Поделеноста е директно резултат на немањето на таа аксиолошка скала, која пред која вредност, која е основната, а која врвната. Во такви услови криминогени структури може да ви пропишуваат какви сакаат вредности и да ви ги наложуваат: од трето дете, до седмо колено, од перфектно здравство итн. значи сите можете тогаш да ги извадите како вредности и од нив да направите норми затоа што и онака живеете во еден хаотичен свет во којшто не се знае што е што односно ништо не е на свое место,“вели Донев во интервјуто.

Водејќи се од мотото „раздели па владеј“, македонските политичари играат погубна политика на домашен терен, вели Донев.

Политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани од Институтот за слободна мисла и кохезија Нисма, вели дека најлошо е тоа што многу малку луѓе настапуваат во име на некакво единство или обединување околу една заедничка цел. Според него, политичарите се главните виновници за таквата фрагментираност.

„Очигледно во Македонија од осамостојувањето до денес политичарите бараат легитимност за своето постоење врз некакви поделби, одредени политичари на кои им недостига легитимност врз база на програми, се обидуваат тоа да го надомест со поттикнување поделби во албанската или македонската средина. Вториот сегмент е неспособноста на водечките елити за водење на државата, а кога немаат таков капацитет, тие одбираат своја и помала Македонија за полесно да управуваат со неа“, вели Рамадани.

Нашите соговорници посочуваат дека последиците од поделеноста можат да бидат опасни, а употребата на говор на омраза е само една од таквите последици. Професорот Донев заклучува дека ќе ни бидат потребни најмалку десет години за ментално да се рехабилитираме од сето тоа што денес ни се случува.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG