Достапни линкови

Романците го држат притисокот врз владата


Во Романија продолжуваат протестите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Во Романија продолжуваат протестите

Илјадници романци се собраа пред седиштето на владата во Букурешт да бараат оставка од социјалдемократската влада. Веќе тринаесет дена траат протестите не само во Букурешт, туку и во другите градови, кои почнаа откако владата се обиде да ги ублажи антикорупциските мерки од кои најмногу корист би имале политичарите.

Демонстрантите во Букурешт формираа огромно романско знаме извикувајќи слогани против владата и корупцијата во земјата.

Владата на премиерот Сорин Гриндеану ги налути романците откако одобри итна уредба со која се декриминализираат извесни случаи на мито и корупција.

Уредбата која беше критикувана и од западните сојузници предизвика најголем народен револт уште од падот на комунистичкиот режим на Николае Чаушеску во 1989 година.

Имено, во минатата недела во Букурешт и во повеќе други романски градови излегоа на протест над половина милион луѓе.

Владата потоа го повлече декретот, а нејзиниот архитект министерот за правда Флорин Јордаче поднесе оставка.

Тој притоа наведе дека не сторил ништо погрешно и оти се повлекува поради притисок на јавноста.

Иако бројноста на демонстрантите од минатата недела се намали, протестите продолжија и натаму со барање за оставка на владата на која, како што велат демонстрантите, веќе не можат да и веруваат:

„Тие не донесоа правилни одлуки. Одлуките беа против здравиот разум без да се консултираат со сите надлежни инволвирани во ова“.

„Кога романците го достигнуваат лимитот, нешто би можело да се случи како што се случи во 1989 година, но овој пат без насилство“.

Во меѓувреме, во Букурешт имаше и контра протести.

Помала група луѓе вчера се собраа пред претседателската палата да протестираат против шефот на државата Клаус Јоханис кој ги поддржа антивладините демонстрации.

И покрај протестите премиерот Гриндеану одбива да даде оставка.

Романскиот парламент каде што владејачката коалиција има големо мнозинство се уште треба да гласа за тоа дали да го потврди оспорениот декрет или тој да биде повлечен.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG