Достапни линкови

Изјавата на Рорабакер е аларм за будење


Домашните аналитичари сметаат дека изјавите на американскиот конгресмен Рорабакер се аларм за домашните политичари побрзо да излезат од кризата и да докажат дека имаат капацитет да ја водат државата.

Изјавите на американскиот конгресмен Дана Рорабакер дека Македонија не е држава и таа треба да се подели наиде на најостра осуда од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не знаеме колку е свесен конгресменот за негативните последици, вознемиреноста и поттикнувачкиот ефект од неговите изјави врз радикалните структури во регионот кои посакуваат немири и конфликтни ситуации“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата очекува официјален Вашингтон најостро да ги осуди овие повици на насилство и да се упатат јасни и недвосмислени пораки за мир и стабилност во Европа, а со оглед на важноста на американската политика за регионот неопходно е, додаваат да се дејствува на линија на заедничките интереси и во согласност со Американско-македонската декларација за стратешко партнерство.

Од партијата Беса кратко изјавија дека не може да го коментираат секој став од американски претставници и дека ќе се произнесат само за политиките на САД кон нашата држава.

Во изминатиот период се изнаслушавме различни изјави од различни луѓе, велат од СДСМ, но најважно е да се направат потребните реформи за зацврстување на институциите.

"Јаки и независни институции се гаранција за опстојување на Република Македонија како држава. Слабеењето на безбедноста и слабеењето на државата се манифестира исклучиво преку партизација на институциите", изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Стручната јавност пак изјавите ги толкува како поука за домашната политика и порака до интелектуалната елита која треба да се обедини околу опстанокот на државата. Професорот Денко Малески вели дека ова е порака до младите политичари дека ништо не е готово и завршено во меѓународната политика и дека осамостојувањето на Македонија е шанса да се покаже дека сме самоодржливо,обединето општество кое може да се носи со европските и светски предизвици.

„Од таа гледна точка треба да се процениме себеси дали сме ние такво општество и да имаме на ум дека другите држави си имаат поинакви сметки. Дури и најмоќната земја во светот Соединетите Држави, која досега ја сметавме за силен поддржувач на оваа мултиетничка композиција на Балканот може да се појави со нова надворешна политика? Наша работа е дали ние ќе успееме да се докажеме како самообединето општество кое добило шанса и ја искористило или добило шанса и ја изгубило,“ изјави Малески.

Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи вели дека пораката не е случајна и треба да се сфати како предупредување.

„Причината за давање на квалификација дека не сме држава колку и да звучи грубо треба да ја прифатиме самокритички, бидејќи ние даваме повод за таков третман. Додека пак вториот дел од изјавата не допринесува кон одржување на пристоен мир и стабилност во регионот и на никој начин не може да се смета како конструктивна и затоа заслужува критика,“ изјави Зеколи.

Ова е сигнал кој допрва ќе се развива во поконзистентна политика на Соединетите Држави, вели Малески.

„Дали тоа ќе се заврши во една кохерентна надворешна политика останува да се види. Но, ние нема што тоа да го чекаме. Ние не треба да чекаме, туку да извлечеме поука од тоа и да излегуваме брзо од кризата и да ги демантираме зборовите на американскиот конгресмен,“ изјави Малески.

Изјавите на американскиот конгресмен, Зеколи ги смета како дел од еден поширок дијалог меѓу големите сили и големите фактори кои си упатуваат пораки и одмеруваат граници до каде можат да ја рашират својата стратегија.

„Не би ги сметал за алармантни, но кога еден конгресмен од таков калибар тоа ќе го каже пред камери се поставува прашање какви разговори се одвиваат зад камери не само од него, туку и од други негови колеги. Ние не можеме секогаш прстот да го вперуваме кон други за тоа што го кажуваат, туку треба да се погледнеме себеси и да разбереме како и на кој начин допринесуваме за тоа и дали актуелната политичка гарнитура има капацитет да обезбеди решенија кои ќе ги елиминираат ваквите изјави во иднина,“ заклучува Зеколи.

Во меѓувреме со реакција се јави Министерството за надворешни работи. Во соопштението се вели дека конгресменот e член на Комитетот за надворешни работи и претседател на Поткомитетот за европски работи, а неговите искажани ставови предизвикуваат голема вознемиреност околу Македонија и во регионот и разгоруваат националистичка реторика во соседството. МНР бара Стејт Департментот соодветнo да отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и да ја реаафирмира својата политика кон Македонија и Балканот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG